1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Криза - клучен збор за 2012 година

Зоран Јордановски / Клаус Улрих28 декември 2012

Криза на презадолженост, криза на еврото, криза на автомобилската индустрија, банкрот на познати фирми. Па сепак, во 2012 берзата забележа голем скок. Ретроспектива на 2012 година на економски план.

https://p.dw.com/p/179aM
Фотографија: Fotolia/Markus Bormann

Годинава, чии што последни денови ги одбројуваме, во историјата ќе оди како уште една година под знакот на должничката и кризата на еврото. Производителите на автомобили западнаа во криза, која ќе ги следи и вo наредните години. Во Германија згаснаа некои традиционални и меѓународно познати претпријатија, Фејсбук надмина бројка од една милијарда корисници, но сосем несигурно зачекори во светот на берзите. И покрај економски турбулентната година, германската берза забележа висока стапка на пораст.

Уште од почетокот на годината беше јасно дека должничката криза и проблемите на Грција ќе и’ дадат белег на 2012. Сепак, германскиот сојузен министер за финансии Волфганг Шојбле предупреди дека не може да се зборува како за најтешка криза по Втората светска војна - барем од германски аспект.

„Нашата економија, според рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“, е толку робустна, што нема опасност, иако со заедничката валута се разбира постои ефектот на заразување. Поради тоа мораме се’ да сториме, за заедничката валута да ја направиме толку стабилна, што подобро ќе ги сузбиваме тие ефекти на заразување“, рече Шојбле.

Symbolbild Bundesverfassungsgericht Euro-Rettungsschirm ESM
Новиот фонд за спас на еврото ЕСМ беше зголемен од 500 на 800 милијарди евраФотографија: picture-alliance/dpa

Во случајот со Грција прво беше постигнат одреден напредок. Во март повеќе од 85 проценти од приватните доверители, како банки, осигурувања и фондови, се согласија со отпишување на долговите, откажувајќи се од повеќе од половина од номиналната вредност на грчките државни обврзници што ги поседуваа. Голем беше стравот кај нив од целосна загуба ако дојде до нерегулиран банкрот на грчката држава. Без отпишувањето, тоа и ќе се случеше.

Најголемо отпишување долг во историјата

„Многу е важно дека денеска го намаливме нашиот долг ослободувајќи се од товар од преку 100 милијарди евра, половина од нашите вкупни годишни економски постигнувања“, оцени со олеснување тогашниот грчки министер за финансии Евангелос Венизелос.

Тоа беше најголемо отпишување на долгови во историјата. Со тоа беше отворен патот за втор пакет помош за Грција во износ од 130 милијарди евра, што ЕУ го одобри во март. Истиот месец министрите за финансии на земјите од зоната на еврото се согласија да ги покачат средствата за новиот фонд за спасување на еврото - ЕСМ, од првобитно планираните 500, на 800 милијарди. Но, надежите за опоравување на Грција беа изневерени. Економските постигнувања на таа земја продолжија да опаѓаат поради острите мерки за штедење, а задолжувањето по глава на жител остана и натаму високо, и покрај отпишувањето на долговите.

Најголем дел од Грците вината за диктатот на ЕУ за остро штедење и’ го припишуваа на Ангела Меркел. Сепак, германскиот канцелар ја посети Грција во октомври и го пофали напредокот на земјата во борбата против презадолженоста.

„Денес дојдов овде со цврсто знаење и свест дека периодот што го доживува Грција е изразито тешка фаза, дека многу луѓе страдаат и дека од нив се бара многу. И поради тоа би сакала да ви кажам дека голем дел од патот е навистина поминат. Многу е постигнато, а треба и уште многу да се направи. Во тоа Германија и Грција ќе остваруваат блиска соработка“, рече Меркел.

EU Gipfel in Brüssel Deutschland Angela Merkel Pressekonferenz
Меркел одигра улога во зачувување на еврото и на монетарната унијаФотографија: dapd

Денес никој не се осмелува да каже кога и како ќе биде решена кризата, дотолку повеќе што покрај Грција, Португалија и Ирска, постојано и други земји од еврозоната запаѓаат во криза.

На наредната страница прочитајте: Кризата не ги поштеди ниту соларната, ниту автомобилската бранша

Ги снема „Шлекер“, „Некерман“...

Во Германија банкрот објави синџирот од дрогерии „Шлекер“. По неуспешните обиди да се пронајде инвеститор, беа затворени 7.000 филијали, 23 300 луѓе останаа без работа, а судбината на уште 14.000 е и натаму неизвесна. Од економската сцена исчезна и меѓународно познатата фирма „Некерман“, некогаш водечка во трговијата преку каталози. Катанец на врата ставија и повеќе фирми за соларни модули, и тоа токму во време кога Германија се откажува од атомска, а сака да се преориентира кон енергија од обновливи извори.

Криза ги зафати и производителите на автомобили во цела Европа. Причини: предимензионирани капацитети и пакетите со мерки за штедење во повеќе европски земји.

„Пред нас е долг посен период од три, четири, пет години со многу слаба продажба. Поради тоа мора да бидат прилагодени капацитетите“, вели Фердинанд Дуденхефер, експерт за автомобилизам од универзитетот Дуизбург-Есен.

Luxusauto
Автомобилската индустрија се спаси со продажба во САД и во некои земји во развојФотографија: DW

Масовни отпуштања од работа и затворања на производни погони им се закануваат на француските производители, како и на германскиот „Опел“. Но, водечките германски производители не се толку засегнати. „Дајмлер“, „БМВ“, „Фолксваген“, „Ауди“ и „Порше’ загубите во Европа ги компензираа со рекордна продажба во САД и во земјите во подем.

Во Германија возачите мораа да се помират со највисоки цени на горивата досега воопшто, а се стравува дека ни догодина нема да биде ништо подобро.

Еден од хитовите на годината беше Фајсбук. Таа социјална мрежа есента ја надмина бројката од една милијарда членови. Но, претходно повеќе беше тема во негативна светлина: излегувањето на берза му донесе многу пари на основачот Марк Закерберг, но цената на акцијата набргу по стартот падна на помалку од половина.

На берзата генерално работите одеа екстремно добро. Индексот на германската берза овој месец достигна највисоко ниво за последните 4 ипол години, стапката на пораст годинава изнесува 29 проценти и е највисока за последните девет години.