1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата ги смени потрошувачките навики на Македонците

Катерина Блажевска28 септември 2012

Мнозинството македонски потрошувачи не можат да заштедат повеќе, но се обидуваат да трошат помалку. Од другастрана, деновиве е објавен податокот - во Македонија има 35 мултимилионери.

https://p.dw.com/p/16GqH
Фотографија: Petr Stojanovski

Кризата и нејзината рефлексијата на македонската економија го смени однесувањето на потрошувачите, вели Боге Божиновски, менаџер во ГФК, македонска компанија која дава услуги од областа на истражување на пазарот. Резултатите од повеќе истражувања на ГФК спроведени во изминатите месеци, го покажуваат новиот, рецесиски профил на македонскиот потрошувач.

„За 60 отсто од македонските потрошувачи рецесијата и невработеноста се најголема грижа, 89 отсто го скратиле купувањето барем на еден од производите или активностите кои имале претходно. На прво место се скратени патувањата и одморите, на второ - излегувањето во ресторан и на трето- купувањето облека и обувки. За да заштедат, 46 отсто купуваат во дисконт продавници, а само десет отсто пазарувале надвор од границите на Македонија“, објаснува Божиновски.

Резултатите покажуваат и дека на македонските домаќинства месечно во просек им недостигаат околу 8,759 денари или околу 150 евра. Толкава е разликата меѓу просечните месечни приходи кои изнесуваат 25,785 денари, а за задоволување на основните потреби им се потребни најмалку 34,544 денари.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Не можат да ги платат сметките

Речиси 35 отсто од испитаниците најдиректно ја почувствувале кризата - станале техонолошки вишок или им била намалена платата или работните часови. Околу 27 отсто имаат проблеми да си ги плаќаат банкарските кредити, а 31 отсто имаат проблеми со плаќање на месечните сметки за струја, греење и телефон. Од тие причини и компаниите снабдувачи со електрична и топлинска енергија веќе неколку месеци нудат плаќање на заостанатите сметките на рати, без камата и опасност од тужба.

„Македонските граѓани во изминатите месеци не инвестирале во реновирањето на своите домови, драстично ги намалиле разговорите преку мобилни и фиксни телефони, одењето во кино, театар и на концерти, а внимавале и на потрошувачката на електричната енергија дома“, вели Божиновски.

Големите трговски синџири во време на рецесија со внимание ги следат истражувањата на агенциите за да се приспособат на изменетите потрошувачки навики. Тодор Лулевски, комерцијален директор во маркетите „Тинекс“, една од најголемите трговски мрежи во Македонија, вели дека постојано се адаптираат на можностите на купувачите.

„Редовно дистрибуираме информативни флаери за попусти. Имаме викенд акции за попуст, можност за купување производи „еден плус еден“ и максимално ги намаливме маржите. Со тоа направивме добар баланс меѓу нашата ценовна понуда и потрошувачките можности“, објаснува Лулевски.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Зголемено штедењето

Сепак, 90 отсто од потрошувачите сметаат дека „сега е подобро да се чека, отколку да се купува“. Овој став кореспондира со податокот на Народната банка на РМ, според кој, од јануари годинава до крајот на јули, депозитите на граѓаните во банките се зголемиле за 104 милиони евра. Со оглед на македонскиот процент на сиромаштија од 30,9 отсто и на невработеност од 31, 2 отсто, според економистите, во овој тренд на раст на депозитите не учествуваат граѓаните со просечни примања, туку оние 1-2 отсто со примања неколкупати повисоки од македонскиот просек.

Деновиве компанијата World ultra wealth report 2012-2013, лиценцирана за обезбедување квалифицирани податоци за ултра светски богаташи и нивните фирми, соопшти дека во Македонија има 35 мултимилионери кои вкупно поседуваат околу 4 милијарди американски долари. Џини-коефициентот, кој ја покажува нееднаквата распределба на доходот во една земја, односно јазот меѓу сиромашните и богатите, во Македонија изнесува 0,432 и е највисок коефициент на Балканот.