1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Македонија како шанса

Нада Штајнман16 ноември 2004

Kоментар на Нада Штајнман

https://p.dw.com/p/AcJh

Хари Костов всушност имаше повод да се радува. Неуспехот на референдумот и признавањето на името од страна на американската влада можеше да ги слави како свој успех и како успех на неговата про-западна влада. Но наместо тоа, Костов нервозен и возбуден вчера пред новинарите ја соопшти својата оставка. Партиски неврзаниот економски експерт индиректно го обвини албанскиот коалиционен партнер ДУИ дека повеќе се грижи за правата на албанското малцинство одошто за модернизација на земјата. А поради постојаните караници стагнирало и планираното хармонизирање на законите со европското право. Значи, со државата неможе да се владее. Во тоа, тој има и право ако се присетиме на тоа дека за време на нетранспарентните преговори за законот за децентрализација водачот на албанската ДУИ постојано се закануваше дека ќе излезе од владата ако неговите барања не бидат исполнети.

Костов меѓутоа знаеше дека на регионот му е потребна стабилна Македонија. А успешен референдум ќе и наштетеше на Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. Нему меѓутоа му беше добро познато и тоа дека меѓу противниците на реформите во никој случај нема само македонски националисти и дека постојат добри причини за отпорот против владините планови. Костов ги познаваше стравовите на Македонците од тоа дека Албанците се борат да создадат своја етничка држава. Но тој немаше време да се занимава со тоа затоа што му беше јасно дека без САД на Балканот одвај нешто може да се направи. Притисокот на кој тој беше изложен, вака погледнато беше голем.

Но тоа не беше се. Костов кој во изминатите месеци повеќепати се закануваше со оставка имаше проблеми и со владејачката СДСМ. Костов важеше како доверлива личност на Црвенковски но сепак беше третиран како аутсајдер. Одамна веќе во редовите на СДСМ суптилно но остро се води борба зад затворени врати за функцијата претседател на партијата. Многу умни ,амбициозни политичари на Социјалдемократите одвај чекаат да се ослободи фотељата на премиерот. Затоа Костов се пожали и поради недоволна подршка во коалицијата. Тој, кој пред неколку месеци беше славен како спасител сега беше третиран како премиер “за еднократна употреба“. Одвај кој да застане зад него веројатно поради тоа што не и припаѓаше на партијата. Тоа уште повеќе ја влошуваше неговата позиција.Тој неможеше да се истакне ниту како економски стручњак кој на земјата требаше да и донесе благосостојба.

Наместо тоа беше искористен од неговите пријатели од редовите на Социјалдемократите да ги вади врелите костени од огнот во меѓуетничката борба и да ги спроведува одлуките на другите. И неговиот пријател Бранко Црвенковски кој го искористи поволниот миг и по смрта на Борис Трајковски замина на претседателската должност зад кулисите ги држи конците во свои раце и демонстрира моќ. Премиерот значи одвај да имаше слободен простор да ги спроведе своите одлуки и идеи. Жалосно меѓутоа е и тоа што ниту тој самиот немаше визија за својата земја.

И во такви услови требаше да се направи се Македонија да не западне во криза. Притоа сите имаа добри намери и сите ставаа свои мирудии. Па затоа сега имаме македонска салата зачинета со меѓународни зачини. Јадењето се подготвува на друго место а треба да се јаде дома а таму салатата веќе одамна никому не му е вкусна . Ниту на Македонците ниту на Албанците ниту пак на било кое друго малцинство од многубројните во Македонија кои впрочем не сакаат ништо друго освен мирно да си живеат во својата татковина. Но многу готвачи ја расипуваат манџата.

Оставката на Костов значи не дојде неочекувано како што велат некои. Македонија нема допрва да запаѓа во криза таа веќе одамна се наоѓа во тешка скоро безизлезна ситуација. Сегашниот чекор на Костов тоа само уште повеќе го појасни. Сакав да предизвикам “мобилизирачки и спасувачки шок“ и да ја потикнам владата да размислува за свооето неефикасно работење.

Кој за што ќе размислува во Македонија или во “странската кујна“ сеуште не знаеме. Но знаеме дека овој необичен премиер со својата оставка призна дека Македонија можеби се наоѓа во најтешката криза од своето постоење. И онака како што животот често знае да изненади можеби во тоа е и лекот: Кризата во Македонија од која многумина се плашат дека може да биде шанса за заздравување на Македонија .