1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата беше мајка за трговците со мебел, а маќеа за индустријата

24 јануари 2010

Во Келн, на меѓународниот саем на мебел, се претставуваат 1053 излагачи од 51 земја, односно еден процент повеќе, отколку лани. Саемот се смета за индикатор за конјуктурата во таа бранша.

https://p.dw.com/p/LdrL
Фотографија: DW / Benjamin Wüst

Кризната 2009 година за трговците со мебел беше мајка, за индустријата маќеа. Специјализираната трговија за мебел и кујни и трговците што продаваат опрема поминаа неочекувано добро - Германците за таа намена потрошија речиси 30 милијарди евра, како и уште дополнителни шест милијарди за теписи и друг текстил и прибор за куќни потреби. Ова претставува лесно зголемување во споредба со 2008 година. Трговијата со мебел го зголеми својот удел во конкурентската борба околу расположливите пари на купувачите, и тоа без субвенции и премии како онаа за расходување стари авотмобили, вели Томас Гроткоп, претставник на здружението на германските трговци со мебел.

Blick ins Wohnzimmer
Фотографија: Museum für Kunst und Gewerbe Hamburg

„Во реалноста тоа не е мерливо. Но, од анкетите знаеме дека луѓе кои би потрошиле пари во нашава бранша, навистина инвестираа во купување автомобили.“

Што ќе донесе новава година?

Гроткоп би бил среќен ако 9400 претпријатија што тргуваат со мебел и опрема и нивните околу 100 илјади вработени го достигнат прометот од минатата година.

За разлика од трговијата, индустријата за мебел и производителите на кујни лани забележаа голем пад.

Deutschland Messe Köln Möbelmesse IMM 2010 Flash-Galerie
Фотографија: DW

„Во изминатата 2009 година, според сите предвидувања, ќе имаме минус од околу десет проценти“, вели Дирк-Уве Клаас, раководител на Здружението на германската индустрија за мебел. Во споредба со другите индустриски гранки, кои во просек забележаа пад од 20 проценти, „ние уште и добро поминавме“, вели тој.

Најмалку се купувал канцелариски мебел

За кризна година типично: лани најголем пад, од околу 17 проценти, доживеа побарувачката на канцелариски и мебел за продавници. Во исто толкав обем опадна и побарувачката од странство. Токму тука Дирк-Уве Клаас се надева дека ќе дојде до пресврт.

Ikea Lager - Symbolbild Konjunktur
Фотографија: AP

„Ние цврсто сметаме на тоа дека на извозните пазари е достигнато дното и дека во 2010 повторно ќе можеме да се надоврземе на нашите извозни успеси, што ги бележевме до 2008 година, кога повеќепати последовно постигнувавме двоцифрени стапки на пораст.“

За Клаас е неизвесно што ги очекува годинава околу 1000 претпријатија од германската индустрија за мебел со околу 103 илјади вработени. „Се’ е можно во коридор помеѓу минус три и плус три проценти“, вели тој.

Автор: Ролф Венкел / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска