1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвав напад во Најроби

11 март 2012

Во напад врз автобуска станица во кенискиот главен град Најроби загинаа четири лица, а повредени се околу 60. Од повредените, според болнички извори, осуммина се во животна опасност.

https://p.dw.com/p/14Ive
Фотографија: Reuters

Кениската полиција за нападот ја обвинува радикално-исламистичката Шабаб-милиција од Сомалија. „Се работи за кукавичко дело, извршено од страна на Шабаб“, изјави портпаролот на полицијата Чарлс Овино.

Шабаб-милицијата контролира голем дел од централниот и јужниот дел на Сомалија. Кенија во октомври минатата година испрати трупи во Сомалија за борба против Шабаб, откако осомничени членови на ова движење киднапираа повеќемина странски државјани во Кенија и ги однесоа во Сомалија. По ова, радикално-исламистичката милиција се закани со одмазднички акти во Кенија.

Инаку, Шабаб-милицијата веќе пет години во Сомалија се бори против преодната влада, која има поддршка од меѓународната заедница. Таа е одговорна за голем број крвави напади. Сомалија веќе 21 година нема влада која функционира како што треба. Актуелната влада и покрај воената поддршка од страна на африканската воена мисија, како и од страна на етиопските сили, контролира само мал дел од земјата.

Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/афп/епд

Редактор: Ж. Ацеска