1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на Тур д’Франс: допингот го кутна на колена велосипедскиот спорт

30 јули 2007

24-годишниот Шпанец Алберто Контадор е прв во генерален пласман. Ќе остане ли неговото име во аналите меѓу победниците, ќе покаже иднината. Ланскиот победник остана без титулата поради допинг, а и годинашниот е осомничен

https://p.dw.com/p/BNao
Контадор во жолтата маичкаФотографија: AP

Си беше еднаш Тур д’Франс што не воодушевуваше. Професионални велосипедисти пред кои симнувавме шапка. Победници, кои за нас беа херои, за младите идоли. Бајка за чистиот велоспиедски спорт.

Денес веќе никој не верува во тоа. Александар Винокуров, некогашен совозач-асистент на Јан Улрих, сега се дискредитира како и поранешната германска икона во велосипедскиот спорт. Туѓа крв го направи побрз на патеката.

Михаел Расмусен, како специјалист за ридско возење голема марка уште во претходните години, одненадеж направи квантен скок и како возач на хронометар. Допинг не му беше директно докажан, но докажано е оти лажел и дека побегна кога контролорите чукнаа на негова врата. Носителот на жолтата маичка предоцна се повлече од трката.

Германецот Патрик Зинкевиц и Италијанецот Кристијан Морени се “ситни риби” во споредба со Винокуров и Расмусен. А сепак, тие возеа за германскиот тим Те-мобајл, односно за францускиот Кофидис, екипи кои досега себе си се сметаа за предводници во борбата против допингот и пропагираа транспарентен и чист професионален велосипедски спорт. Кога се откриени токму возачи од тие екипи, тоа покажува дека иницијативите за самопрочистување на велосипедскиот аспорт заслужуваат секоја почит, но не можат да го искоренат допингот.

А севкупниот победник Алберто Контадор? Кој за него ќе стави рака в оган, мора во другата да држи маст против изгореници. Иницијали како неговите се наоѓаат на списокот на муштерии на шпанскиот лекар Фуентес, обвинет дека снабдувал широк круг спортисти со допинг-средства. Поради тоа Контадор минатата година не можеше да стартува на Тур д’Франс. Тој вози за американската екипа Дискавери, победник во екипна конкуренција, со години предводена од Ленс Армстронг, која од тоа време ја бие глас дека повешто применува допинг од конкуренцијата.

Професионалниот велосипедски спорт е на дното, кутнат на колена од заразата наречена допинг. Екипите на влечат на иста страна, функционерите се многу раскарани, политичари од различни бои меѓусебно се натпреваруваат во популизам.

Преостаната искра на надеж се младите професионалци како Линус Гердеман. Тој целосно се потроши во една етапа, само за еден ден да ја носи жолтата маичка. За тоа плати со големи заостанувања во наредните етапи. Така би можел да изгледа еден почист велосипедски спорт – или, повторно наседнуваме на една бајка?

Штефан Нестлер