1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на страдањето за Аунг Сан Су Ќи?

13 ноември 2010

15 од последните 21 година , Аунг Сан Су Ќи мина во домашен притвор, или во затвор. Иконата на демократското движење во Бурма од денеска (13.11) е повторно на слобода. Воената хунта ја пушти од домашен притвор.

https://p.dw.com/p/Q7u7
Аунг Сан Су Ќи им се обраќа на приврзаниците по ослободувањетоФотографија: AP

Една недела по изборите во Мјанмар, како што сега се нарекува Бурма, воената хунта во земјата, како што најави, ја одлободи од притвор Аунг Сан Су Ќи. На универзитетот Авенју во Рангун каде што се наоѓа куќата на Су Ќи безбедносните сили денеска ги отстранија барикадите. Домашниот притвор за 65-годишната опозициска политичарка е официјално завршен, соопшти портпарол на воената влада на Мјанмар.

Аунг Сан Су Ќи, потоа, кусо се појави пред нејзината куќа во Рангун и изгледаше задоволно и опуштено. Нејзиното појавување предизвика бурни реакции на задоволство кај илјадници луѓе, кои собрани пред универзитетот Авенју го очекуваа нејзиното ослободување.

Aung San Suu Kyi
Огромно задоволство кај приврзаниците на Су Ќи кои го чекаа нејзиното ослободувањеФотографија: AP

„Многу сум задоволна што ве гледам сите вас. Сакам да ве посоветувам да кренете врева во соодветно време, не сега “, се пошегува Су Ќи.

„Ќе оствариме вистинска демократија со Су Ќи“

Нобеловата лауреатка им вети на своите приврзаници дека ќе им се обрати утре напладне. Тие, уште во текот на вчерашниот ден, започнаа да се собираат пред нејзината куќа во очекување на ослободувањето, а безбедносните сили не ги спречија да го направат тоа, што е невообичаено за земјата која со децении е под строга контрола на војската.

„Иако и јас самиот бев апсен и ставен во затвор, ние ќе се обидеме да оствариме вистинска демократија за нашата земја, под раководство на Аунг Сан Су Ќи“, задоволно изјави за светските медиуми еден од приврзаниците на иконата на борбата за демократија во Бурма.

Инаку, по краткото обраќање до приврзаниците Су Ќи се врати во својата куќа на средба со членовите на Извршниот Комитет на опозициската партија во Мјанмар, Национална Лига за Демократија, што таа ја предводи со години наназад.

Задоволство кај светските лидери

Су Ќи ја отслужи последната од редот казна - 18 месечен домашен притвор поради прекршување на условната слобода, со тоа што му дозволила на еден Американец да ја посети во нејзиниот дом. Меѓународната заедница упатуваше засилени апели за нејзино ослободување пред изборите во земјата што се одржаа на 7 ноември и беа први избори по цели 20 години. На нив победија партиите блиски до воениот режим, но тие од меѓународната заеднива беа критикувани како нерегуларни и неслободни

Myanmar Aung San Suu Kyi
Најави говор за утре (14.11) - Сан Су ЌиФотографија: AP

Опозициската Национална лига за демократија, која ја предводи Су Ќи, има голем број следбеници, а аналитичарите сметаат дека таа е исто толку популарна како и во 1990 година, кога на претходните избори имаше најмногу гласови, што беше игнорирано од воените власти. Токму по таа победа, започна страдањето на Су Ќи која оттогаш наваму мина 15 години во затвор или домашен притвор.

Нејзиното денешно ослободување предизвика задоволство и кај светските лидери. Тоа беше поздравено меѓу другите и од американскиот претседател Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел. Обама ја нарече Су Ќи негов херој и инспирација за сите кои работат за унапредување на основните човекови права во Бурма и ширум светот. Меркел, пак, ја нарече Су Ќи личност-симбол на глобалната борба за остварување на човековите права. Двајцата лидери апелираа до воената хунта во Мјанмар да ослободи уште 2000 политички затвореници во земјата.

Автор: СН/ЕМФ/дпа/ард/ртре

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска