1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на набљудувачката мисија на ОН во Сирија

ЖА/дв/миа/дпа17 август 2012

Советот за безбедност на ОН одлучи да ja прекине набљудувачката мисија во Сирија. Нo, присуството на ОН во Дамаск треба да продолжи преку посредничко биро, а најден е и нов медијатор во сирискиот конфликт.

https://p.dw.com/p/15rZK
Фотографија: Reuters

Набљудувачката мисија на ОН во Сирија нема да биде продолжена, решено е по советувањата во Советот за безбедност. Францускиот амбасадор во ОН Жерар Аро по седницата појасни - сите членки имаа чувство дека не постојат услови за продолжување на мисијата. Меѓутоа, поддржана е идејата за посредничко биро на ОН во Дамаск, за што се залага и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. Инаку, мандатот на мисијата истекува в недела на полноќ. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изрази жалење, барајќи продолжување на присуството на ОН во Сирија.

Алжирскиот дипломат Лакхдар Брахими веројатно ќе биде нов специјален пратеник на ОН за сирискиот конфликт. Веста ја пренесува руската агенција Интерфакс, повикувајќи се на дипломаткси извори. Досегашниот посредувач, Кофи Анан, поднесе оставка поради неможноста неговиот мировен план да биде применет во Сирија.

Lakhdar Brahimi
Лакдар Брахими - веројатен наследник на АнанФотографија: Reuters

Кина, пак, ги повика сите страни во конфликтот во Сирија да го прекинат огнот и да прифатат меѓународно посредување, за да се стави крај на насилството, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

„Кина ја повикува сириската влада и сите засегнати страни за брзо помирување, за да се стави крај на насилството и да започне политичкиот дијалог“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Јанг Џиечи на средбата со Бусеина ал Шабан, пратеничка на сирискиот претседател Башар ал Асад, која е во посета на Кина.

Шефот на кинеската дипломатија додаде дека Кина се надева оти сириската влада и сириската опозиција ќе можат да соработуваат со помош на меѓународното посредување.

Кина континуирано се залага за политичко решение на сириската криза и блокираше неколку резолуции со санкции за Сирија во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Шабан, која пристигна во Пекинг во вторникот, нагласи дека режимот на Асад сака да соработува со посредничка мисија и да воспостави дијалог со опозицијата.