1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на големите стоковни куќи во Германија?!

12 јуни 2009

Се‘присутната економска криза во Германија остави тешки последици врз стоковните куќи. Дури и големите традиционални фирми како „Херти“, „Вулворт“ и „Карштат“, мораа да банкротираат.

https://p.dw.com/p/I7xf
Фотографија: AP

Уште пред 10 часот изутрина пред вратите на надалеку славната стоковна куќа „КаДеВе“, симболот на моќ, богатство и добар стандард на Западот, се собираат муштерии, кои чекаат вратите да се отворат. Во просечни денови таа бележи по педесетина илјади посетители, а во посебните денови, како на пример спроти божикните празници, во овој храм на конзумот се слеваат и до 180.000 луѓе дневно. „КаДеВе“, стекна статус на симбол и е неизбежен елемент во секој туристички водич на Берлин. И муштериите сметаат дека главниот град не смее да остане без оваа стоковна куќа:

„За посетителите на Берлин таа е важна. Сите доаѓаат дури организирано во ’КаДеВе’ .“

„Сметам дека би било тажно доколку мора да се продаде. Се надевам дека ќе остане така, како што е сега, бидејќи станува збор за убава стоковна куќа и затоа што добро ја познавам веќе со децении.“

„Секој кој доаѓа од некој друг град сака да дојде во „КаДеВе“, стоковната куќа е на добар глас. Сметам дека затоа не смее да исчезне!“

Сврталиште на побогатите

Притоа мора да се каже дека „КаДеВе“, не е стоковна куќа за сечиј џеб. Уште на самиот влез се сместени одвоени продавници на скапи марки со светско реноме, како што се „Гучи“, „Луи Витон“ или „Картије“. Во излозите има рачни часовници од по 4.000 евра или женски ташни од по 2.000. А горе, на шестиот кат, се среќава берлинскиот џет-сет на чаша шампањско или разни коктели, чија цена се движи од 24 па до 50 евра. Според она што може да се дознае, „КаДеВе“ и понатаму прави добри зделки. Наспроти тоа, шефот на концернот „Аркандор“, кому му припаѓаше и оваа ексклузивна стоковна куќа во срцето на Берлин, Карл Герхард Ајк, сакаше да ја продаде.

Passanten gehen am Dienstag vor dem Kaufhaus des Westens vorbei.
Што ќе се случи со стоковната куќа „КаДеВе“ во Берлин?Фотографија: AP

„Ексклузивните стоковни куќи и ’КаДеВе’, би ги опишал како бисери на нашиот бизнис и затоа не е вистинита претпоставката дека овде има само стоковни куќи, кои што не остваруваат добар профит. Она што сакаме да го постигнеме е нашиот деловен модел да го изнесеме надвор, во странство, и таму да обезбедиме подобра иднина отколку овде кај нас.“

Кој го преспа трендот?

За германските експерти беше проблематична определбата на „Карштат“ и другите големи стоковни куќи да се ориентираат кон интересите на средната класа. Во Германија моментално како успешен бизнис-модел се покажуваат или продавниците кои привлекуваат муштерии поради ниските цени, или, пак оние кои нудат посебни производи од повисок, екстра квалитет. Експертот за конзум, Инго Балдерјан од Универзитетот во Потсдам вели:

„За мене е изненадување што класичните стоковни куќи, како „Карштат“ или „Херти“, не го забележаа на време ваквиот тренд и продолжија да им нудат на муштериите релативно старомодни концепти, што подразбираат просечни производи со релативно ниско ниво на презентација. Пазарот во меѓувреме се разви во сосема друга насока: или дисконти со ефтини производи, или, пак, продавници за луксузни производи.“

Karstadt-Stammhaus in Wismar
Матичната стоковна куќа на „Карштат“ во ВизмарФотографија: picture-alliance / dpa

Освен тоа, стоковните куќи се чини како да не забележаа дека облека и апарати за домаќинство почнаа да нудат и синџирите за прехранбени производи, како „Алди“ или „Лидл“ - и тоа по многу попристапни цени. На тој начин, тие им ги одземаат муштериите на големите и гломазни стоковни куќи. Купувачите исто така се` повеќе ги посетуваат синџирите со ефтина стока, како „КИК“, „Тако“ или „Ернстингс фемили“, кои доживуваат вистински подем ширум Германија. Затоа уделот на германските стоковни куќи во вкупниот волумен на продажба на мало во седумдесеттите години изнесуваше цели 14%, а денес е паднат на само 3,3 насто. Дури и продавниците што оперираат само преку интернет заработуваат повеќе од стоковните куќи.

Стоковните куќи-важен елемент во градовите

Од друга страна, стоковните куќи играат важна улога во животот на големите германски градови. Тие се нивен украс и збогатување на животот во центарот на градот. За тоа сведочи и примерот на Потсдам. Таму пешачката зона во центарот на градот во деведесеттите години нудеше тажна слика: сиви фасади, прозорци затворени со штици, празни излози. Денес пешачката зона е многу жива, туристи минуваат по улиците, седнуваат во кафулињата и изнесуваат полни кеси од бутиците. Според една студија, бројот минувачи двојно се зголемил во изминатите десет години, што се должи меѓу другото и на стоковната куќа „Карштат“, што беше отворена во 2005 година. Нејзиното присуство му даде вистинска инјекција на животот во центарот на Потсдам, смета Ева Гербер, која поседува продавница за накит во близината на „Карштат“.

Einkaufen in Deutschland
Сцена од отворањето на „Картштат“ во центарот на ПотсдамФотографија: AP

„Со оваа стоковна куќа градот доби нов поттик, силен економски фактор што привлекува поголем број посетители и муштерии. Таа во секој случај имаше позитивно влијание за целата улица и нејзините бројни продавници.“

Значи, стоковната куќа во функција на магнет за посетители и за инвеститори-тој концепт доживеа очигледен успех во Потсдам. Што не значи дека бизнисот му се исплатеше и на синџирот стоковни куќи „Карштат“.

„Кауфхоф“ се покажа поуспешен

Очигледно поголем успех забележува конкурентскиот синџир „Кауфхоф“, кој му припаѓа на трговскиот концерн „Метро“. Поголемиот дел од стоковните куќи „Кауфхоф“ се обновени и под името „Галерија“ веќе привлекуваат поголем број муштерии-на пример оваа на Александарплац во Берлин. Веднаш на влезот во приземјето вратите им ги отвора портир, што остава поинаков впечаток, а потоа муштериите ги разгалуваат разни мириси од парфеми, интензивна светлина и големи, просторни коридори меѓу штандовите. Раководителот на стоковната куќа „Галерија“, Детлеф Штефенс, комплетно го преуреди внатрешниот амбиент:

Symbolbild Karstadt will möglicherweise Kaufhof kaufen
Дали „Кауфхоф“ ќе ги преземе стоковните куќи на конкурентот Карштат?Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Пред неколку години на влезот ќе најдевте штандови со ефтина стока, во која муштериите самите може да пребаруваат, исто така производи што чинат по само едно евро. Такво нешто повеќе нема кај нас. Сега влегувате и ве дочекува голем оддел со парфеми, со накит и убави женски ташни, а не ефтина стока. Тоа муштеријата не го сака во голема продавница во центарот на градот.“

Комплетно е изменет и целиот асортиман: мебел, теписи и лампи не се продаваат повеќе во „Галерија Кауфхоф“. Тоа не наидува на побарувачка во центарот на градот, појаснува Штефенс, муштериите бараат повеќе облека и тоа поделена по марки на производители. А големиот конкурент на „Галерија Кауфхоф“, веќе спомнатиот „КаДеВе“, отиде и чекор понатаму, па сега во неговите простории има одвоени продавници, каде производителите нудат само сопствени производи. Таканарачениот концепт „продавница во продавница“ е зрак надеж за големите стоковни куќи, кои имаат проблеми со прометот - оценува експертот Инго Балдерјан.

„Сметам дека ексклузивните стоковни куќи, каква што е „КДВ“, , ќе можат сепак да се одржат, но во многу мал број. Најголемиот дел од стоковните куќи меѓутоа ќе мора да се движат во насока на ефтини производи за да можат да преживеат.“

Борба за работните места

За стоковните куќи „Карштат“ ваквите предупредувања пристигаат премногу доцна. По објавениот банкрот на почетокот на неделава, стечајниот управник Хорст Пипенбург се обидува да создаде план за санација на синџирот стоковни куќи, што нема да подразбира нивно распарчување. Според неговите најави, тој би сакал да ги увери доверителите и судските инстанци дека „Карштат“ може да опстане како интегрално претпријатие по определено стегнување на ремените. Што ќе значи тоа за вкупно 43.000 вработени во стоковните куќи ширум Германија, за сега не се знае. Во секој случај на управникот Пипенбург му оди од рака најновата информација дека токму стоковните куќи „Карштат“ забележале подобрување на билансот последните месеци. Наместо загуби, тие дури оствариле и плус од 7 милиона евра. Тоа е недоволно во споредба со загубите од 272 милиона во претходната деловна година, но сепак укажува на позитивен тренд. Со тоа растат и надежите дека синџирот стоковни куќи нема да мора да се распарчи на помали целини.

Karstadt Arcandor
„Ние сме Карштат“ - пишува на маиците на работниците кои протестираат против можното затворање на стоковните куќи по банкрототФотографија: AP

Автор: Карстен Цумах / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска