1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајно време за вистински дијалог

8 ноември 2007

Актуелната ситуација во Македонија се должи на нарушениот политички консензус меѓу партиите и непријателството меѓу политичарите - оценува германската пратеничка Ута Цапф во интервју со Нада Штајнман.

https://p.dw.com/p/C5On
Ута Цапф, пратеник во германскиот Парламент од редовите на социјалдемократската партијаФотографија: Bundestag

Показателите од извештајот на ЕУ за Македонија се чини најавуваат намалување на шансите за зачленување на земјата во Унијата. Дали е тоа и Ваше мнение?

Ута Цапф: Верувам дека извештајот е формулиран многу учтиво. Мој впечаток е дека иако се направени некои чекори напред во законодавството, на пример создаден е Судскиот совет, исто има напредок и на полето на законите за децентрализација, но затоа затегнатите односи меѓу некои партии се заострени откако е на власт новата влада. Општо погледнато, се растури политичкиот конзенсус затоа што политичките партии се почувствуваа исклучени, така што навистина се заканува опасност од зголемени тензии, па дури и можни конфликти.

Да појаснам, формално е во ред според демократските принципи ако се склучуваат коалиции во кои една албанска, односно најголемата албанска партија останува на страна. Но, психолошки погледнато, за политичкиот процес во едно мултиетнички организирано општество, кое стои пред големи реформи што мора да ги спроведе, како што е Охридскиот процес, лошо е ако не постои политички консензус. Причина за тоа е што партиите на Тачи и на Ахмети не можат да излезат на крај една со друга, односно се конкуренти. Но, има и дополнителна причина во тоа што македонскиот премиер Никола Груевски не излегува на крај со претседателот на државата Бранко Црвенковски. Тоа без сомнение се одразува негативно врз општествениот развој на таква држава.

На тоа се надоврзува и фактот што сега очигледно меѓу Албанците има милитантни појави, има и извештаи за некој вид парамилициски патроли во северниот дел на земјата, кои наводно носеле униформи на УЧК. Тоа укажува дека е крајно време да се најде поширок општествен конзенсус, во кој сите ќе се чувствуваат интегрирани. Истото важи и за процесот на гласање во парламентот, затоа што и таму поради извесни констелации принципот на Бадинтер, барем во очите на поголема група албански пратеници, не е почитуван. Тоа според мое мислење е опасно и посакувам повторно да се влезе во процес на дијалог што овозможува разумно решение.

Влошената состојба на границата меѓу Македонија и Косово, дали тоа не ја вознемирува и ЕУ? Ако сега Македонија се изолира на тој начин што нема позитивни сигнали од Брисел, дали тоа може да доведе до сериозни проблеми на Балканот?

Ута Цапф: Не верувам дека ЕУ ја изолира Македонија. Напротив, кога на некоја земја што се наоѓа во процес на пристапување и‘ се каже јасно и гласно каде се дефицитите, тогаш станува збор за отвореност што е неопходна. Нема смисла да се каже: е, бидејќи се појавува мала криза, ќе ги спуштиме критериумите. Таков пристап не би бил одржлив на подолг рок.

Мислам дека е обврска на македонската влада така да одреагира на кризата што се навестува, што нема да има ескалација.

Преговорите за Косово, како што се покажа и сега во Виена не се одвиваат успешно. Според Ваше мислење госпоѓо Цапф, ќе има ли напредок до 10-ти декември?

Ута Цапф: Тоа е многу тешко прашање, но уверена сум дека до последната секунда ќе се поднесуваат нови предлози и на тој начин ќе се стори се‘ за да се најде договорно решение. Но, би требало да имам кристална кугла за да можам да кажам дека тоа и ќе се случи, се едно на која основа. Европскиот посредник во Тројката, Волфганг Ишингер, предложи статусот на Косово да се реши според теркот на односите што беа воспоставени меѓу Сојузна Република Германија и поранешната Германска Демократска Република. Србите предложија решение по углед на Хонг Конг. Сето тоа зборува дека сепак нешто се придвижува во преговорите. Сега останува прашањето во која мера страните во преговорите ќе се придвижат за да се најде решение.

Вчера во Берлин беше шефот на срппската дипломатија Јеремиќ, денеска доаѓа преговарачкиот тим од Приштина, Германија очигледно вложува напори да се дојде до некакво прифатливо решение. Дали тоа и ќе се случи, тоа во моментов не може да се предвиди.

Македонија нема проблеми само на северната граница, туку има проблеми и со јужниот сосед Грција околу прашањето на името. Грчката министерка Дора Бакојани е на европска турнеја, па престојува и во Берлин. Каков е ставот на Германија по прашањето на името?

Ута Цапф: Ние во германскиот парламент дадовме поддршка за користење на името Македонија, но владата во Берлин се придржуваше се разбира на она што беше договорено на европско ниво, имено ова прашање да се реши преку преговори. Се надевам дека прашањето на името, што не е најважното во овој преоден процес, нема да води кон натамошна екслација. А не можам да си замислам ни дека Грците имаат интерес за ескалација на ситуацијата кај нивниот северен сосед.

Европската Унија не најави конкретен датум, но не наведе ни точно кои се нејзините барања за да се конретизира процесот на зачленување на Македонија во ЕУ. Каква е според Ваше мислење долгорочно перспективата на Македонија за пристапување кон Унијата?

Ута Цапф: Мислам дека токму Македонија, покрај до сега именуваните кандидати Турција и Хрватска, има најдобри перспективи од сите останати земји во балканскиот регион. Се гледа дека таму има голем напредок со Охридскиот процес и неговата имплементација. Гледам дека ЕУ не сака понатаму да попушта, бидејќи веќе кај доделувањето на кандидатскиот статус веќе и‘ попушти малку на Македонија и тоа токму од политички причини. Но, не можат Македонците, поточно тамошната влада, сега да се одмараат на тие ловорики.

Најважното во извештајот на Европската комисија ми се чини посочувањето на политичкиот консензус во земјата. Без желба да ја драматизирам ситуацијата, очигледно е дека во ЕУ владее сознанието, а и јас го делам истото, дека е неопходен политички консензус за имплементацијата на Охридскиот договор да оди до таму што развојот на државните структури и другите критериуми на ЕУ ќе можат да бидат исполнети, и тоа во не така долг рок. Мој впечаток, а во таа насока зборуваат и информациите со кои располагам, е дека следниот чекор во приближувањето кон ЕУ нема да дојде така брзо како што тоа си го посакува Македонија. Датумот 2008-ма веројатно ќе мине без посакуваниот чекор, но и тоа ќе зависи многу од натамошниот развој во Македонија.