1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кралот на Мароко попушти

18 јуни 2011

Кралот на Мароко поднесе предлог за ограничување на неговите овластувања, со надеж дека тоа ќе ги смири повеќемесечните протести на граѓаните, кои бараат демократизација на земјата. Но, дали промените ќе бидат доволни?

https://p.dw.com/p/11efG
Мохамед Шести подготвен на отстапкиФотографија: AP

Мароканскиот крал Мохамед Шести во вчерашниот телевизиски говор се заложи за реформи на политичкиот систем во земјата и премин кон „конститутивна монархија со демократски парламент.“ Во обраќањето до граѓаните, тој ги претстави промените на Уставот, кои предвидуваат предавање дел од неговите овластувања на парламентот и владата. Мохамед Шести ги повика граѓаните позитивно да се изјаснат за промените на референдум, кој ќе се одржи на 1. јули. Потегот на мароканскиот крал доаѓа до неколкумесечните протести за поголема демократија во земјата, кои почнаа во февруари, по соборувањата на режимите во Тунис и Египет.

Планираните реформи треба да ја потврдат „парламентарната природа на политичкиот систем на Мароко.“ Со тоа ќе се постават основите за „ефикасен и рационален уставен систем“, чија основа ќе бидат балансот, независноста и поделбата на овластувањата. Како најважна цел на новиот Устав, Мохамед Шести ги наведе слободата и достоинството на граѓаните.

NO FLASH Proteste in Marokko
„Арапската пролет“ не го одмина ниту МарокоФотографија: AP

Револуција или само „мачкање очи“?

Иако новиот устав ќе му даде значително поголеми овластувања на парламентот, кралот ќе ја задржи контролата врз војската и ќе го избира премиерот, кој ќе доаѓа од редовите на партијата што победила на изборите. Премиерот ќе биде „претседател на владата“ и ќе го добие овластувањето да го распушти парламентот. Тоа досега можеше да го стори единствено монархот. Освен тоа, премиерот ќе има право да предложи министри во владата и да номинира амбасадори или директори на државните компании, но тие сепак ќе мора да бидат одобрени од кралот. Мохамед Шести исто така се заложи за независно судство.

И додека претставници на монархијата говорат за „вистинска револуција и поставување основи за парламентарна монархија“, голем број активисти сметаат дека промените не одат доволно далеку. Тие нагласуваат дека Мароко од „де факто апсолутна монархија се претвора во конститутивна монархија.“

Кралот на Мароко, кој потекнува од династијата која е најдолго на власт во арапскиот свет, седна на тронот во 1999 година. Мохамед Шести има 47 години и практично е врховен владетел на земјата. Меѓу другото, тој е и верски поглавар на северноафриканската држава - функција од која нема да се откаже ниту според новиот Устав.

Автор: ТТ/ЖА/дв

Редактор: Жана Ацеска