1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој e винoвен за геноцидот во Сребреница?

11 јули 2010

Пред точно 15 години силите на босанските Срби во Сребреница извршија масакр на машкото муслиманско насление. До каде е расветлувањето на улогата пред се’ на ОН во најголемиот геноцид во Европа по холокаустот?

https://p.dw.com/p/OFQH
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Денеска се одбележуваат петнаесет години од масакрот на машкото муслиманско население од Сребреница.

На 11 јули 1995 година, во градот, кој беше под заштита на ОН, влегоа српски воени трупи, селектираа и убиваа машки лица со муслиманска вероисповед на возраст од 12 до 80 години. Војниците испратени од Обединетите нации, од кои цивилното население очекуваше најмногу помош, не сторија ништо.

Изминативе години, од вкупно 275 масовни гробници во долината на реката Дрина беа ископани посмртните останки на 8372 жртви, од кои 6557 се идентификувани. Ова не е конечниот број; и натаму има лица кои се сметаат за исчезнати.

Советот за безбедност е најодговорен за неспречување на масакрот

Srebrenica
Гробовите на жртвите од масакрот во СребреницаФотографија: DW

И по петнаесет години, се` уште е тешко потполно да се расветли случајот, тврди Манфред Ајзеле, генерал-мајор во Бундесверот, кој од 94-тата до 98-та година беше задолжен за планирање на мировните операции на ОН. Генералот вели дека иако многу дипломати активно спроведуваа одлуки донесени од нивните влади во однос на Југославија, по завршувањето на војната никој од нив не излезе со став за извештајот на ОН, бидејќи не им било дозволено да даваат изјави во јавноста.

Ајзеле се сомнева дека во Советот за безбедност постоела намера да се заштитат 40000 муслимански граѓани во зоната на Сребреница. Ова го потврдуваат и најновите истражувања на холандскиот новинар Хуб Јасперс, во кои се вели дека големите држави во Советот имале информации за српските планови за напад.

„Советот за безбедност е најодговорен за она што се случи во Сребреница. Владите на државите-членки на Советот претходно добиле информации од нивните служби за воените подготовки на српската армија, но не сторија ништо за да ја избегнат целата драма. Тоа, всушност, е и едно од најголемите прашања кои до ден денес се неодговорени: Зошто?“

ОН и Холандија треба јавно да се извинат

Weltsicherheitsrat verurteilt Nordkorea
Земјите од Советот за безбедност имале информации за српските планови за напад на СребреницаФотографија: AP

За геноцидот во Сребреница одговорност се бара и од холандската влада. Кога во ОН беше предложен воздушен напад врз српската војска, Холандија поднесе приговор поради стравот за нејзините 450 војници кои беа надлежни за заштита на енклавата. ОН не интервенираше; масакрот се случи. Сините шлемови на ОН стоеја мирно и гледаа отстрана.

Ангажманот во Сребреница беше трауматичен за холандските војници. Тие заминаа во акција неподготвени и со погрешни упатства за воената задача, вели Хуб Јасперс. Многумина од овие војници се разболеа, извршија самоубиство или се најдоа в затвор поради убиство. Како задоцнето признание и еден вид „искупување“, холандската влада во 2006 година им додели ордени на „сините шлемови“ од Сребреница. Аксел Хагедорн, адвокат на околу 8000 преживеани цивили, настојува пред највисокиот суд во Холандија и пред Европскиот суд на правдата да се укине имунитетот на ОН.

„Јасно е дека ОН носи најголема одговорност бидејќи мораше да одлучува против волјата на Холанѓаните да се спречи геноцидот. Ако ОН се појави пред суд, тогаш двете страни не ќе можат меѓусебно да си ја префрлаат вината, каков што е случајот сега. Прекршеното ветување и натаму ќе биде најголема рана, се` додека ОН или Холандија не се извинат јавно. Страшно е што никој не сака да премине преку тоа.“

Автор: Селма Филиповиќ/ Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска