1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја предводи новата влада на Украина?

27 март 2006

Првите резултати од парламентарните избори во Украина навестуваат победа на проруски ориентираната Партија на регионите на поранешниот премиер Виктор Јанукович.

https://p.dw.com/p/Ae2n
Ќе ги држи ли сите конци во рацете? Јулија Тимошенко по изборите
Ќе ги држи ли сите конци во рацете? Јулија Тимошенко по изборитеФотографија: AP

По пребројувањето на 10% од гласачките ливчиња партијата на Јанукович добила 24,7%, објави Централната изборна комисија во Киев. На второ место е Изборниот блок на Јулија Тимошенко од блокот на протокаловата револуција, додека партијата „Наша Украина„ на Претседателот Виктор Јушченко доживеа тежок пораз со само 17 проценти.

„Нашата победа значи дека народот на Украина сфатил оти станува збор за неговата иднина. Сега кога избирачите ни ја искажаа довербата, повторно ќе ја кренеме нашата земја на нозе во стопански смисол„ – порача Виктор Јанукович за кого ова би значело политички кам-бек доколку се потврди сегашниот тренд.

Толкавиот број гласачи за поранешниот премиер на украинската влада за време на вледеењето на Претседателот Леонид Кучма се објаснува токму со високите стапки на економски раст од 12% за време на неговиот мандат. Од мирната револуција пред 14 месеци, таа драматично опадна на само 4 проценти.

Ваквиот добар резултат на Јанукович меѓутоа би можело да се покаже како недоволен за создавање влада. Силите на портокаловата револуција имено уште синоќа водеа преговори за создавање заедничка влада, на чие чело според изборните резултати би требало да се најде сменетата премиерка Јулија Тимошенко. Во нејзиниот изборен штаб синоќа владееше голема радост, а таа како и секогаш смирено и суверено изјави:

„Сега имаме зад себе три политички сили: социјалистите, блокот Наша Украина и мојот блок и со тоа го озбезбедивме мнозинството од 257 места во Парламентот. Денеска имаме можност да создадеме коалиција, во која главната одговорност ќе ја носи мојата партија„ – порача Тимошенко за украинската телевизија. Таа уште вчера вечер им испрати предлог коалиционен договор на социјалистите и на партијата Наша Украина на актуелниот Претседател Виктор Јушченко. Тој според досегашните пребројувања на гласовите е вистинскиот губитник на вчерашните парламентарни избори. Уште до пред една година неговата популарност изнесуваше околу 70%, а сега неговата партија добила веројатно само 17 проценти. Тој синоќа не се огласи лично, туку пред камерите го испрати раководителот на неговиот изборен штаб, Роман Бесмертни:

„Сакам да ни честитам сите нам. Ако се погледне збирот на гласови на блокот од портокаловата револуција, тогаш се гледа дека победивме. Практично ги потврдивме резултатите од претседателските избори.„

Ваквиот обид да се разубави тешкиот пораз на партијата на Претседателот Јушченко е меѓутоа многу провиден. Тој ќе мора да ја прифати Јулија Тимошенко како премиер на новата влада, иако во септември минатата година токму ја отпушти поради взаемните обвинувања за корупција.

ЕУ има намера да ја продолжи соработката со Украина дури и доколку како победник од нејасната ситуација по изборите излезе лидерот на проруската Партија на регионите, Виктор Јанукович – порача евро-комесарката за надворешна политика Бенита фереро Валднер. Таа појасни дека при неодамнешната посета на Украина заклучила дека и Јанукович се залага за посилно поврзување на Украина со ЕУ. Тоа што тој најавува и потесна соработка со Русија не мора да биде проблем. Едното не го исклучува другото, Русија и Европа се големи соседи на Украина и можат одлично да се надополнуваат, порача Фереро Валднер во изјавата за денешното издание на весникот „Ди Велт„.