090409 Moldawien Rumänien
9 април 2009Веднаш по објавувањето на информациите за првите протести против изборните резултати во Молдавија и на улиците на Букурешт излегоа демонстранти, најнапред со паушално барање за „слобода“.
Малку подоцна студентите скандидаа една строфа од романската национална химна со следниов текст: „Сега или никогаш е моментот, да си исковаш нова судбина, пред која ќе се поклонат и твоите свирепи непријатели“.
Во периодот меѓу двете светски војни, Молдавија, која тогаш се нарекуваше Бесарабија, и‘ припаѓаше на Романија. Прв официјален јазик во земјата до денес е романскиот, а се проценува и дека половина милион луѓе покрај молдавското поседуваат и романско државјанство. На двете страни од границата има такви кои сонуваат за повторно обединување на западно ориентираната Романија и Молдавија, со која владеат комунистите.
Романците сметаат дека молдавските комунисти самите ги испровоцирале нередите
Сепак во однос на најновите нереди во молдавскиот главен град Кишињев романските политичари се нагласено воздржани. Само Мирчеа Ѓоана, претседател на романскиот Сенат и поранешен министер за надворешни работи говореше пред новинарите:
„Пораката на романските политичари, сосема сеедно на која партија и‘ припаѓаат, се состои во тоа Европа да сигнализира дека нема да се откаже од Република Молдавија како од држава со европска иднина.“.
Владата во Букурешт луто го отфрла обвинувањето на молдавскиот претседател дека сили во Романија би можеле да стојат зад нередите во Кишињев. Повеќето Романци очигледно се убедени во тоа дека протестите во Молдавија се оправдани, но и дека актите на насилство во зградата на молдавскиот парламент се резултат на провокација од страна на владејачките комунисти за да се дискредитира опозицијата.
Во полза на овој став говорат и оценките на романските набљудувачи дека трите опозициски партии во Кишињев, кои, иако се пријателски настроени кон Романија, никогаш не би говореле за повторно обединување на Романија и Молдавија и затоа никогаш не би им паднала на памет идејата, на зградата на молдавскиот парламент да го истакнат романското знаме, како што беше случајот во минатите денови.
Некои политичари и социолози во Букурешт индиректно ја критикуваат и Европската унија
ЕУ последните избори, исто како и генералните политички односи во Молдавија, наспроти сите сознанија ги оцени како демократски и помалку или повеќе коректни. Тоа го стори и набљудувачкиот тим на ОБСЕ, кој беше под руско раководство. Романскиот социолог и експерт за Молдавија, Дан Дунгачиу смета дека ЕУ нема никаков интерес за промени во Молдавија:
„Можеби сосема и‘ одговара на Европа, ситуацијата во Молдавија да остане по старо и во земјата да не дојде на власт нова политичка генерација, која ќе ја води земјата во насока на европската интеграција. ЕУ нема желба за натамошно проширување, а и не сака само поради Молдавија да ги расипува односите со Русите. Дотолку повеќе би можело цинично да се каже дека ЕУ всушност може да биде задоволна со изборите, затоа што тоа не создава проблеми“, вели Дунгачиу.
Соседските односи меѓу Романија и Молдавија и натаму остануваат многу напрегнати. Романскиот амбасадор е протеран од Кишињев, за Романците повторно е воведена обврската за вадење виза, а и редовните железнички врски меѓу Букурешт и Кишињев во моментов се прекинати.
Автор: Јерг Пас/ Симе Недевски
Редактор: Жана Ацеска