Кој со кого и зошто отиде на Блискиот Исток?
6 јануари 2009Кој, всушност, зборува во име на Европската унија на Блискиот Исток? Дали е тоа делегацијата под водство на чешкиот министер за надворешни работи, Карел Шварценберг, или, пак, поранешниот претседавач со Унијата, францускиот претседател Никола Саркози, кој на Блискиот Исток стигна како еден од двајцата претседатели на Средоземноморската унија?
Секоја помош е добредојдена
Формално гледано, европската група ја игра решавачката улога. Според Брисел делегациите на Шварценберг и Саркози, не се попречуваат една со друга, туку се надополнуваат. Портпаролот на Комисијата, Амадеу Алтафај, суво изјави дека секој придонес е добредојден, сако до страните во конфликтот ја пренесува заедничката европска порака.
Непријатна разединетост
Формално е така. Но, во суштина, ЕУ зад себе остава непријатна слика на разединетост. На една страна е слабото чешко претседателство, парализирано од внатрешните караници во врска со Европа. Чесите треба да бидат лидери, но или не можат или не сакаат. На друга страна е францускиот претседател, полн со самодоверба и амбициозност, кој најрадо би сакал да го продолжи претседавањето со Унијата. Тој сака и може да биде лидер, арно ама не смее.
Особено пикантна е позицијата на францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер. Во овој случај тој не е дел од трупата на Саркози, туку припаѓа на тројката на ЕУ, под водство на Шварценберг. Работата е посебно скокотлива, оти Кушнер и Шварценберг многу различно се искажаа за настаните на Блискиот Исток. Шварценберг, пред се`, го гледа правото на самоодбрана на Израел, додека Кушнер го нарекува несразмерен израелскиот воен удар.
Згора на се`, Германците испратија свој посебен претставник во регионот, за посебно да преговара во име на германската влада.
На израелската влада и` е сеедно
Колку и да се чини разбирлив секој обид да се помогне, кога ЕУ настапува во олкава мера неединствено, не треба да се чуди што не може ништо да постигне по дипломатски пат. Тоа може да се види и по однесувањето на израелската влада, на која се чини дека сите европски посреднички напори и` изгледаат во голема мера ирелевантни.
Притоа, шансата Европа да одигра конструктивна улога се, всушност, поволни. САД со досегашниот американски претседател, Џорџ Буш, доживејаа неуспех на Блискиот Исток, додека новиот, Барак Обама, надворешнополитички допрва треба да се ориентира.
Саркози сакаше и се` уште сака да ја претвори ЕУ во надворешнополитички фактор, што ќе може да се носи со САД, токму и на Блискиот Исток. Но, со неговиот невешт настап се прокоцка уште една шанса.