1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кој и зошто го урниса угледот на македонското здравство?

Костадин Делимитов
17 април 2018

Решавањето на проблемите во македонското здравство, кои со години се криеја под тепих, нема да биде ниту лесно ниту евтино. Незадоволни се пациентите, но и лекарите.

https://p.dw.com/p/2wAJD
Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонското здравство се разбуди од клиничка смрт, но допрва ќе треба да подлежи на сериозен третман за да може и да заздрави. Почетокот на реализацијата на долго очекуваните реформи ја вратија надежта, но испровоцираа и широк фронт на револт и незадоволство поради проблемите. Напластени низ годините, нив ги има многу, а засегнати се сите - пациентите, лекарите, медицинскиот персонал, административците. Наместо да се подобри, здравството низ годините загуби не само на угледот, туку и на квалитетот на услугите што најмногу го почувствуваа пациентите. Ваквите состојби според упатените не се изненадување:  

„Во македонското здравство низ годините се создаде еден систем кој во центарот наводно го стави пациентот и тие материјално технички средства за јавните здравствени установи. Им се прикажуваше на пациентите дека во јавното здравство направивме чуда, со којзнае какви апарати, проекти, милионски инвестиции. И нормално кога од она што го гледате на телевизија ќе дојдете во реалноста, ќе видите дека промените се речиси никакви, реформите и мерките едвај функционираат, тогаш се јавува револтот. Од друга страна, тотално ги потиснаа докторите и медицинскиот персонал, како да тие не се битни, а тие се еден од трите столба кој ја носи целата одговорност и функционирање. Така што, се создаде и една ситуација на фрустрација кај нив, главно поради слабите плати, но и односот кон нив. Ако немате задоволен кадар не може да очекувате и задоволен пациент, без разлика што нашата работа е хумана и максимално се трудиме. Но ова не е од сега, туку е едно незадоволство насобрано во континуитет со години“, предупредува Горан Беговиќ, претседател на синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Во последната година, од 220 дипломирани лекари дури 180 побарале сертификат од лекарската комора за заминување во странствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Колку медицинари си заминале не знае никој

Какви се состојбите во здравството доволно отсликуваат неколку податоци: долгови од десетици милиони евра, блокирани сметки на клиники, започнати, но нереализирани проекти, застарена опрема, односно набавена нова, која во добар дел е неупотреблива. Како капак на сѐ - состојбата со одливот на кадар во странство, но и во приватните болници, кој добива драматични димензии. Од 2010 година наваму државата ја напуштиле над 600 лекари, дополнително и медицински персонал. Точните бројки не ги знае никој, но дефинитивно, се загрижувачки:

„Само за илустрација: во последната година, од 220 дипломирани лекари дури 180 побарале сертификат од лекарската комора за заминување во странство. Тоа е страшна бројка. Значи, од нив остануваат само 40 лекари кои треба да ги задоволат потребите не само на клиниките, туку и болниците, амбулантите во внатрешноста. Тоа е сериозен проблем“, вели Беговиќ.

Повеќе:

Одливот на лекари станува драматичен

Македонија со втора највисока смртност на новороденчиња во Европа

Македонското здравство станува опасно по живот!

Надлежните веќе спроведуваат мерки за запирање на овој негативен тренд, кој се должи главно на неправилните политики и планирања за вработувања во минатиот период. Првиот чекор во враќање на угледот и задоволството кај лекарите е направен со најавите за зголемување на дежурствата. Вработените во сите хируршки дејности во клиниките ќе земаат ист надоместок за дежурство, а вработените во интерните дејности - 75 отсто од надоместокот што го добиваат хирурзите. Двојно се зголемува и надоместокот за ноќен труд на медицинските сестри. Дополнително ќе треба да се преговара и околу надоместокот на оние медицински сестри кои дежураат:

„Големи очекувања имавме сега. Објективно докторите и сестрите се слабо платени. И тие се незадоволни, затоа што имаат тешка и одговорна работа која не е адекватно вреднувана. Ова е хронична работа. Имаме профили на кадар, особено кај сестрите со средна стручна спрема, кои со години не добиле покачување. Докторите добија нешто во 2014 со кое минимално се смирија некои незадоволства, но далеку од објективното. Кај сестрите со висока школа не е променет коефициентот. Единствено што успеавме да им го направиме е во анекс на колективниот договор да не зависи од директорот дали ќе го применува коефициентот 2,67. Но и за нив нема објективно покачување. Иако очекувавме повеќе и побрзи промени, јас сум сепак оптимист“, вели Беговиќ.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Пациентите се надеваат на промениФотографија: DW/P. Stojanovski

Потребни се и пари и време

Промени очекуваат и пациентите. Не само во делот на третманот, туку и нивните права.

„За да видиме поголема промена во здравството ќе ни требаат многу години, а само со соработка таа промена ќе биде позитивна. За разлика од претходниот период, со овој министер за здравство имаме подобра комуникација и слух. Работите се поместуваат. Во Министерството за труд и социјала ретките болести беа непостоечки, но ете конечно се менува ситуацијата и очекуваме повеќе помош во остварување на социјалните права за оваа група луѓе. Почнувајќи од едукација на вработените во социјалните центри па додавање на болести во листа, обезбедување лични асистенти за лица со траен тежок инвалидитет“, коментира Весна Алексовска, претседател на здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.

Одливот на лекари драматичен

Таа се надева на позначајни промени не само во делот на ретките болести, туку воопшто во сите сегменти на здравството. Но за нив се потребни и повеќе пари, едукација, комуникација помеѓу здравствените работници, институциите и здруженијата на пациентите:

„Треба пари и треба време. Но досега за жал секогаш сѐ се сведуваше на тоа дека нема доволно пари за сѐ во здравството. А кога ќе се види дека само 3% се издвојуваат од буџетот за оваа намена, тогаш е јасно дека е тоа малку. Овие средства треба да изнесуваат минимум 10% за да се променат работите на подобро. А промените се потребни. Затоа бараме и законски да се решат работите. Ние не сме влезени во закон и практично како да не постоиме. Програмата може секој министер да ја намалува и зголемува според можностите. Затоа треба заштита“, вели Алексовска.

Враќање долгови

Дека решавањето на проблемите во македонското здравство кои со години се криеја под тепих нема да биде ниту лесно ниту евтино јасно е и од состојбите што ги обелоденија надлежните. Министерот за здравство Венко Филипче предупреди дека само долговите кои ги наследиле од претходната власт биле во висина од 60 милиони евра:

„Наместо тие пари да бидат вложени во квалитетно здравство, актуелната влада и Министерството за здравство мораа да ги вратат долговите за да заштедат од каматите кои се закануваа да го зголемат долгот. Опремата што ја набави претходната влада и претходното раководство на Министерството за здравство, во голем дел е сѐ уште неотпакувана и со изминат гарантен рок бидејќи нема каде да се смести“, изјави Филипче.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Решавањето на проблемите нема да оди ниту брзо ниту евтино Фотографија: DW/P. Stojanovski

Новите програми и мерки на актуелното министерство стартувале и веќе се во реализација реконструкција на повеќе објекти низ земјата. Во план е и набавка на нова медицинска опрема, но како што вели, не по високи цени како што тоа се правело досега.

Најавите и првичните чекори за промени во македонското здравство, според упатените, се позитивен сигнал, но далеку и од доволни за позначајно подобрување на состојбите кои се драматично лоши. Ваквите состојби главно им одеа во прилог на приватните болници кои не само што го собраа финансискиот дел од кајмакот, туку и повлекоа значителен дел од квалитетниот медицински кадар. Во прилог на ова им одеа и политиките на претходната власт која со добар дел од приватните болници склучи договор за рефундирање на средствата преку Фондот за здравствено осигурување.