1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој долева масло на огнот во Турција?

Баха Гингер11 јули 2008

Ситуацијата во Турција по нападот врз американскиот генерален конзулат во Истанбул и киднпарањето на тројцата германски туристи се комплицира и понатаму.

https://p.dw.com/p/EaO8
Има ли излез од внатрешно-политичката криза? Демонстрант кој ги поддржува секуларните сили со слика на основачот на секуларниот поредок Кемал АтатуркФотографија: AP

Во судири меѓу специјални сили на турската армија и бунтовници на Курдистанската работничка партија ПКК, вчера вечер животот го загубија десет герилци и еден специјалец. Оружениот инцидент се случи во југо-источниот регион Сирнак, каде Курдите го сочинуваат мнозинството од населението.


Каде оди Турција? Имаат ли заеднички именител акциите кои ја разнишуваат нејзината безбедност? Колкава е опасноста власта повторно да је преземе војската?


Заканите од Европа - бесмислени


Вообразените мудреци кои деновиве доаѓаат во Анкара и наоѓаат за сходно да им кажат на домаќините дека безбедносната криза во земјата може да ги загрози нејзините европски перспективи – добиваат за возврат само уморна насмевка. Интересот на Турците за Европа е маргинализиран. Тие се соочени со драматично заострување на безбедносната ситуација во земјата и добро знаат дека ситуацијата може да излезе од контрола.


Многу прашања, малку одговори


Тоа е секако плодна почва за неброени шпекулации и терории на заговор. Настаните од последниве денови само отвораат нови и нови парашња, а не нудат логични одговори. Зошто борците на ПКК би ги ставале на коцка симпатиите во очите на Германија и на цела Европа со киднапирање недолжни туристи? Само поради забраната за пренос на програмите на една ТВ станица од Данска што емитува на курдски јазик? Во тоа тешко кој може да поверува!


Вистина е дека владеачката партија на премиерот Ердоган, која е многу фалена и во Европа, до сега не најде решение за курдското прашање. Нејзиниот пристап не се разликува од оној на претходните влади, а тој пак претпоставува многу полесно прибегнување кон воени операции против Курдите, отколку одржување на ветувањата за подобрување на нивната положба.


Кому му требаше нападот врз американскиот конзулат?


Многу прашања отвора и нападот врз американскиот конзулат во Истанбул. Ако зад него стојат исламисти на терористичката мрежа Ал Каеда, тогаш човек мора да се праша: дали на Ал Каеда и’ се исплати да си го нарушува имиџот во Турција со бесмислена акција во која загинаа само турски полицајци, а на декларираниот непријател САД не му фали ни влакно на главата?


Или можеби сепак не беше Ал Каеда. Не се кријат ли зад нападот врз американското претставништво домашни националистички сили, кои сакаат да ја подгреат атмосферата за интервенција на армијата во внатрешно политичката криза околу процесот за забрана на владеачката партија пред Уставниот суд? Или барем да им пружат дополнителни аргументи на судиите на Уставниот суд дека владеачката партија дејствува против уставниот поредок и треба сепак да се забрани?!


Целата нација во незавидна положба


Сега се притеснети до ѕид не само премиерот Ердоган и неговата религиозно-конзервативна партија, туку и целата нација. Излез од кризата што ја предизвика борбата за моќ меѓу владеачката партија и секуларистите во Турција не е на повидок! Сите апели за враќање кон разумот одекнуваат во празно, а внатрешно-политичката ситуација се влошува од ден на ден. Интервенција на армијата во политичкиот живот не била новина, но исто така и не би придонела многу за подобрување на состојбите во општеството.


Она што е сигурно, тоа е дека евентуалниот прекин на преговорите за прием со ЕУ, околу што гласно се дискутира во некои од земјите членки, би бил сосема погрешен знак. И тоа не само за Турција, туку и за соседните земји!