1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е причината за смртта на Березовски?

АТ/ дпа/ афп24 март 2013

Рускиот олигарх и противник на претседателот Путин Борис Березовски е пронајден мртов во Велика Британија, каде беше во егзил. Причината за неговата смрт и натаму е неразјаснета.

https://p.dw.com/p/183Kg
Фотографија: REUTERS

Борис Березовски, 67-годишниот руски милијардер, беше пронајден мртов во неговиот дом во Аскот, во близина на Лондон. Полицијата наведува дека околностите за неговата смрт се „неразјаснети“, поради што го огради неговиот имот и околните улици.

Експерти на британската полиција извршија увид во куќата на критичарот на Кремљ. Во истрагата за причините на смртта беа вклучени и експерти за хемиска, биолошка, радиоактивна и атомска опасност. Тие не пронајдоа никакви сомнителни траги. Претходно надлежните полициски власти соопштија дека станува збор за мерка на претпазливост. Березовски се сметаше за огорчен противник на рускиот претседател Владимир Путин.

Неговиот адвокат Александар Добровински претходно изјави дека неговиот клиент, со оглед на високите долгови, бил очаен и најверојатно се самоубил.

Березовски беше човек од доверба на противникот на Кремљ и поранешен службеник на тајните служби - Александар Литвиненко, кој исто така живееше во егзил во Велика Британија. Во 2006 година Литвиненко почина од труење со радиоактивната супстанца Плутониум 210, откако во хотел во Лондон пиел чај со рускиот агент Андреј Луговој и бизнисменот Дмитриј Ковтун.

Großbritannien Alexander Litwinenko Symbolbild
Александар Литвиненко беше отруен со Плутониум 210Фотографија: AP Graphics

Во немилост на Путин

Березовски во 90-тите години, за време на приватизацијата во мандатот на тогашниот претседател Борис Јелцин, го стекна богатството и се сметаше за сивата еминенција на Кремљ. Но, откако Путин дојде на власт тој падна во немилoст. Откако Путин ја презема власта Березовски е во егзил во Велика Британија, каде се отсели во 2000 година.

Оттогаш наголемо со финансиски средства ја поддржуваше руската опозиција. Русија го товари за економски криминал и со години бара од Велика Британија негова екстрадиција. Владата во Лондон тоа го одби. Березовски беше и една од причините за затегнатите британско-руски билатерални односи.

Во измината година руските власти го обвинија Березовски за поттикнување на „масовни попречувања“, откако во април повика на тоа да се спречи враќање на Путин во Кремљ. Олигархот во отворено писмо понуди финансиска награда за оние кои „ќе го сопрат опасниот криминалец Путин“. Писмото беше објавено на страницата на московското радио „Ехо“, но подоцна беше отстрането поради закана за казнено гонење. Писмото, меѓутоа, и натаму беше на интернет преку блогот на Березовски.