1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кошмар за Борусија (Д) во Неапол

Б. Георгиевски/дв19 септември 2013

Европскиот и германски вицепрвак, Борусија Дортмунд загуби на гостувањето кај Наполи. Шалке убедлив против Стеауа, Базел го шокираше Челзи среде Лондон.

https://p.dw.com/p/19kRS
Фотографија: Bongarts/Getty Images

Гостувањето на Борусија Дортмунд во Неапол се претвори во вистински кошмар за германскиот тим, не толку поради поразот од 2:1, колку поради сето она што се случуваше на мечот, особено во првото полувреме. Наполи дојде во водство преку Игуаин, но голот предизвика контроверзи по кои беше исклучен тренерот на Борусија, Јирген Клоп. Клоп протестираше кај помошниот судија поради тоа што овој го задржуваше враќањето на дефанзивецот Невен Суботиќ на теренот по претходна повреда. Клоп потоа беше исклучен од мечот. По неколку минути се повреди и дефанзивецот Матс Хумелс кој мораше да биде заменет, но Борусија не клупата немаше ниту еден дефанзивен играч, па на негово место влезе напаѓачот Пјер Обамејанг, а во одбраната беше прекомандуван Свен Бендер. Во финишот на полувремето беше исклучен и голманот Роман Вајденфелер откако играше со рака надвор од шеснаесетникот.

Во вториот дел на 2:0 за Наполи со извонреден слободен удар зголеми големиот талент Лоренцо Инсиње. Конечните 2:1 беа поставени во финишот на мечот, по автоголот на Зунига. Борусија се обидуваше да дојде и до еден бод во последните минути, но со играч помалку тоа беше речиси невозможна мисија.

Вториот германски претставник Шалке однесе убедлива победа на отворањето пред домашните навивачи против романската Стеауа. Иако резултатот од 3:0 говори за доминација на домаќините, сепак, фудбалерите од Гелзенкирхен се измачија за да го совладаат квалитетниот противник кој имаше неколку добри шанси за гол. Најдобар играч на мечот повторно беше Кевин Принц Боатенг по чие доаѓање во тимот од Милан, Шалке ја забележа и третата победа едноподруго.

Fußball Bundesliga FSV Mainz 05 gegen FC Schalke 04
Кевин Принц БоатенгФотографија: picture-alliance/dpa

Токму во оваа, група Е, во која настапува Шалке се случи и најголемото изненадување на вечерта. Во Лондон, Челзи загуби со 2:1 од швајцарскиот Базел и покрај водството од 1:0 на полувремето. Во групата Ф, следниот противник на Борусија, францускиот Марсеј загуби на домашен терен од Арсенал со 1:2.

Македонските репрезентативци, Горан Пандев во дресот на Наполи и Даниел Георгиевски за Стеауа, немаа позабележителни настапи. Пандев ги одигра последните 15-ина минути во дуелот против Борусија, додека Георгиевски ги мина сите 90 минути на теренот во Гелзенкирхен.

Во останатите мечеви, во групата Г Атлетико Мадрид го совлада рускиот Зенит со 3:1, Австрија во Виена загуби од Порто со 0:1. Во Х групата Барселона беше убедлива против Ајакс победувајќи со 4:0 со нов хет-трик на Лионел Меси, додека Милан пред своите навивачи го совлада Селтик со 2:0.