1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Котески: безбедноста на државата нема цена!

АМ/миа13 мај 2012

Началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески вели дека пред самитот на НАТО е оптимист, но во исто време има песимистички очекувања од него.

https://p.dw.com/p/14uaP
Фотографија: DW

Во интервјуто за агенцијата МИА Котески ги објаснува таквите свои очекувања.

„Оптимизмот го темелам пред се’ врз фактот што НАТО е воена организација, а познато е и потврдено дека АРМ во најголем дел ги има исполнето условите и стандардите за полноправно членство. Но, сепак ако се земе предвид дека Алијансата е и политичка организација, тогаш кај мене има и доза на песимизам, поради ирационалната политика на нашиот јужен сосед и блокадата на Република Македонија во евроатланските процеси воопшто“, вели началникот на ГШ на АРМ Котески.

Mazedonische Armee
Македонските војници својата подготвеност ја покажаа во меѓународните мисии на НАТО

Во изминативе десет години, потсетува тој, учество во меѓународните мировни мисии, предводени од НАТО, ЕУ и ООН, македонскиот војник на различни краеви од светот се наметна во прв план со својата храброст и издржливост, но пред се’ со неговата врвна обученост и психофизичка подготвеност. Според началникот на ГШ на АРМ, денес АРМ не само што е рамноправен, туку е и посакуван партнер на Алијансата. Најдобар доказ за тоа е учеството на 2.721 припадник на АРМ од 2002-ра година до денес во мисиите на НАТО, од кои над 1.900 се одликувани.

„Впрочем и домашната и меѓународната јавност имаше прилика да биде ’одблиску’ информирана за врвната обученост и примената на модерни тактики, техники и процедури при извршувањето на крајно сложени задачи со висок ризик во рамки на меѓународните мисии, поради што наша обврска во иднина е да го одржиме високиот рејтинг, кој е граден напорно во минатото“, потенцира генерал-мајор Котески.

АРМ плански и континуирано да се финансира

АРМ, укажа тој, ќе продолжи да ги следи новите стандарди на Алијансата и ќе настојува да одржува „кондиција“ на овој план и на тој начин да се соочи со новите безбедносни предизвици. Во која насока ќе се движат реформите, подвлекува, ќе зависи од многу фактори, кои пред се’ имаат влијаније на безбедноста во регионот и пошироко, но и од приоритетите кои произлегуваат од нашата заложба за евро-атланска интеграција.

Во врска со намалувањето на одбранбениот буџет со ребалансот, тој истакнува дека во армијата се свесни за објективните сложени економски услови, кои во прв ред се предизвикани од светската економска криза, но во исто време нагласува дека доколку се сака да се задржи планираната динамика на развојот и трансформацијата на АРМ, тогаш во иднина мора да се вложат напори за нејзино планско и континуирано финансирање.

Mazedonische Soldaten in Afghanistan
Без вложувања во армијата може да се загуби се’ што имамеФотографија: privat

„Без оглед на се’, сите субјекти во државата треба да имаат предвид дека безбедноста на државата нема цена, бидејќи без неа, можеме да изгубиме и она што го имаме“, предупредува началникот на Генералштабот на АРМ.

Според генерал-мајор Котески, петкратното убиство кај Смиљковското Езеро не само што ги вознемири граѓаните на Република Македонија, туку и пошироко во регионот.

„Сметам дека со овој чин не беше загрозен територијалниот интегритет на Република Македонија, а убиството како акт имаше за цел да се предизвика страв и несигурност кај граѓаните, но и одредени немири. Што се однесува за постоењето радикален исламизам и тероризам на територијата на Република Македонија, постојат надлежни институциии кои треба да го кажат последниот збор по ова прашање. Генералштабот, во рамки на своите надлежности, ја следи редовно состојбата, особено во командите и единиците и е во постојана координација со стручните служби во Министерството за одбрана, пред се’ Секторот за воена служба, за безбедност и разузнување. АРМ ќе се прилагоди и ќе се обучува во склад со новите безбедносни предизвици, штитејќи го територијалниот интегритет и суверенитет, како и слободата на граѓаните“, нагласува началникот на Генералштабот на АРМ.

Bild von Petr Stojanovski 2009
Армијата е подготвена да го брани територијалниот интегритет на државата

На прашањето каква е безбедносната состојба, тој вели дека со проценката на безбедносната состојба во државата се занимаваат други институции во Република Македонија.

„Меѓутоа, врз база на размената на податоците во рамки на надлежните институции, ние не располагаме со информации кои говорат за влошување на безбедносната ситуација, поради што во моментов можам да констатирам дека безбедносната ситуација во Република Македонија е стабилна“, вели началникот на ГШ на АРМ, генерал - мајорот Горанчо Котески.