Косовските Срби го отрфрлија договорот со Приштина
26 април 2013Претставниците на Србите во Северно Косово на вчерашната средба со српскиот премиер Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ изјавија дека договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина за нив е неприфатлив и нема да учествуваат во неговата имплементација. Претседателот на Општината Зубин поток Славиша Ристиќ истакна дека косовските Срби не го прифаќаат договорот бидејќи во него „не се зборува за Србија, а само за интеграција на Србите во така нареченото независно Косово“. Тој истакна дека косовските Срби ќе ја бојкотираат имплементацијата на договорот и ги обвини преговарачите дека не требало да ги прифатат поставените услови. Претставниците на косовските Срби најавија дека ќе организираат и протести против договорот.
Потпретседателот на српската влада Александар Вучиќ изјави дека Владата е подготвена да распише референдум за бриселскиот договор за Косово, но само под услов косовските Срби да ги прифатат неговите резултати и да учествуваат во примената на договорот.
За постигнатиот договор со Приштина денеска ќе се расправа и во српскиот парламент, а на крајот на денот треба да се гласа и за извештајот на српската Влада за дијалогот за Косово. Се очекува мнозинството пратеници да го прифатат договорот.