1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косима Вагнер - апсолутна владетелка на Бајројт

Зељка Телисман / Марта Таневска26 јули 2013

Летово во малиот баварски град Бајројт повторно може да се видат колони лимузини како се движат кон познатото „зелено ридче“. И оваа година за време на Вагнеровите свечености ќе се собере кремот на германското друштво.

https://p.dw.com/p/19ECK
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Бајројт и Вагнеровите свечености веќе одамна се` се знае, како и за самиот основач, германскиот музичар Рихард Вагнер. Но тоа што на многумина можеби се` уште не им е познато е фактот дека Вагнеровите свечености, какви што денес ги знаеме, всушност воопшто не се дело на големиот композитор, туку на една жена, неговата втора сопруга - Косима Вагнер.

„Косима Вагнер овие свечености ги претвори во вистинска културна, општествена и економска институција. Во тоа е нејзината заслуга“, вели нејзиниот биограф, Оливер Хилмс. По смртта на Рикард Вагнер во 1883 година, таа сите свечености кои во текот на животот на нејзиниот сопруг, биле еден вид експеримент, ги претворила во тоа што се денес.

За да го овековечи и продолжи музичкото дело на својот сопруг, Косима Вагнер ја „измисли“ професијата водач на свеченостите и го презеде водството над „зеленото брегче“. Но, како тоа и успеало, за една жена во 19 век? „Таа била голема дама, французинка. Зборувала течно неколку јазици и била во состојба да разговара и комуницира сосема рамноправно со мажите од тоа време“, вели Хилмс.

Porträt - Cosima Wagner
Косима Вагнер е родена во 1837 година како вонбрачно дете на Франц Лист и грофицата Мари д АголтФотографија: PD

Ќерка на Франц Лист

Но, не бил нејзиниот настап само невообиачен туку и нејзиното потекло. Таа е родена во 1837 година како вонбрачно дете на Франц Лист и грофицата Мари д Аголт. Пораснала во Париз, а на 18 години се омажила со диригентот и голем обожавател на Рихард Вагнер, Ханс фон Билоу. Но овој брак, во кој имала и две ќерки, не успеал.Имено, Косима веќе долго пред разводот била вљубена во друг- во Рихард Вагнер кој и самиот тогаш бил во брак.

Тие започнале вонбрачна врска која траела со години и за време на која добиле три деца. Најпосле таа конечно го напуштила својот сопруг и се преселила кај Вагнер. И двајцата се развеле од своите сопружници, па се венчале. „На нивната врска многу влијаеле разводите од првите бракови. Косима многу добро знаела колку го повредила својот прв сопруг. Поради тоа, Вагнер на некој начин го величела како полубог. Во својот дневник внесувала детални описи на неговиот живот и творештво, а по неговата смрт поточно со Вагнеровите свечености, му подигнала споменик“, вели Оливер Хилмс. Косима Вагнер била на чело на свеченостите се до 1906 година. Тогаш водството го предала на својот син Зигфрид. Својот сопруг го надживеала за полни 47 години.

Richard und Cosima Wagner
Рикард Вагнер, Косима го величела како полубог

„Жена со голем стил“

Нејзините современици најмногу биле одушевени од нејзиното кралско, достоинствено држење и настап. „Косима Вагнер е единствена жена со голем стил која ја познавам“, напишал филозофот Фридрих Ниче. Но таа имала и ладна и одбивна страна. Оливер Хилмс вели дека патела од „комплекс на страдање“: „Од својот прв брак излегла скршена и патела од недостиг на самоувереност. Немала позитивна слика за себе, а тоа го надоместувала со радикални антисемитски ставови“, вели научникот Јенс Малте Фишер.

По смртта на Вагнер, таа свеченостите ги претворила не само во културна туку и во политичка институција во која собирала само ултрарадикални, десничарски и антисемитски публицисти и активисти. Иако и самиот Рихард Вагнер бил антисемит, неговата сопруга, заедно со помошниците, многу детално ги канонизирала. „Во тој претеран култ кон Рихард Вагнер, тие го нашле својот дом. Наместо повеќе да обрне внимание кон своите француско-унгарски корени, Косима го избрала радикалниот германски национализам“, вели Хилмс.

За Евреите само негативни или мали улоги

Во омразата кон Евреите, Косима отишла многу подалеку од својот сопруг. Како апсолутна владетелка на Бајројт имала, се разбира, голема моќ своите ставови да ги претвори во дела. “Таа воспоставила антиеврејска политика во градот со која на еврејските уметници не им давала пристап - освен за мали, негативни, таканаречени „еврејски“ улоги“, вели историчарот Ханс Хеер.

Deutschland Geschichte Bayreuth vor dem Festspielhaus 1897
Гости на Вагнеровите свечености во 1897 годинаФотографија: ullstein bild - histopics

Нејзините радикални ставови се отсликувале и во нејзините лични односи со Евреите. Кон диригентот Херман Леви имала амбивалентен однос. Од една страна го ценела неговиот труд, но од друга страна се чувствувала над него, бидејќи за разлика од него таа е сепак таканаречена ариевка. „Токму со тоа и го малтретирала“, вели Хилмс.

Антисемитизмот им го оставила и на своите деца во наследство. Синот Зигфрид и неговата сопруга Винифред , подоцна целосно го прифатиле Хитлер и националсоцијалистите. Со тоа Косима Вагнер, не само што го направила модерниот Бајројт, туку, за жал, удрила и печат на омраза кон Евреите - неповолност која и денес лебди над Вагнеровите свечености.