1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата е стара колку човештвото

1 мај 2006

Пред 2 илјади и 300 години, прашале во Индија некој мудрец, како да ја откријат корупцијата. Човекот се нашол затекнат, па ги замолил луѓето да дојдат по некој ден. Седнал на брегот на некоја река и размислувал додека не видел риба во водата. Тогаш му текнало.

https://p.dw.com/p/AeLx
Како да се открие корупцијата?
Како да се открие корупцијата?Фотографија: dpa

Дошле луѓето, а мудрецот им рекол дека го знае одговорот и ги прашал: „Дали можете да погодите кога рибата во вода пие вода, а кога не?„ Тие кренале раменици. „Е, па така е и со корупцијата. Ќе знаете кога биде фатен оној ’што пие вода’. Но, затоа фатениот треба да биде намачкан со кравји измет, за сите да го видат„.

Значи, стара е скоро колку и светот, но се чини дури во поново време вистински се појави на светлината на денот: корупцијата во целиот свет, посебно откако беше признаена нејзината поврзаност со сиромаштијата. Корупцијата е една од најголемите пречки за развојот. Според проценките на Транспаренси интернешенел, финансиските штети од корупцијата во светот годишно достигаат 3,2 милијарди долари. Прашањето што му било поставено на индискиот мудрец пред повеќе од две илјади години, се обидоа да го одговорат експерти на неодамнешната средба во Берлин. Без оглед дали доаѓаа од Колубија, Мароко, Непал, Австралија, Канада или Бангладеш со различните искуства од своите земји, во едно беа согласни: инструметите за мерење на корупцијата се уште се ограничени.

Дејвид Нусбаум, шеф на меѓународниот секретаријат на Транспаренси интернешенел точно знае дека тоа не е едноставна задача:

„Корупцијата тешко се мери зашто луѓето што учествуваат се разбира не сакаат да го доживеат она што важи за другите криминалци. Во овој специјален случај, меѓутоа, жртвите на корупцијата воопшто не се ни присутни кога се случува делото. Луѓето не се присутни во моментот кога другите ги ограбуваат богатствата на нивната земја„.

Сепак, Транспаренси интернешенел не се предава и со години го објавува таканаречениот „корапшн персепшн индекс„ до кој стигнува преку анкети со луѓе од бизнисот или со граѓаните што го определува степенот на корупција во нивните земји, но тоа се само претпоставки, а не и одраз на вистинската ситуација. Методот е повеќе од спорен и не е доволен за поддршка на нови методи и собирање податоци за мерење на корупцијата. Сепак, борците против корупцијата и статистичарите се обидуваат да ги прошират своите методи, на пример како во Бангладеш. Таму и населението учествува во нејзиното мерење, вели соработникот на Транспаренси, Мухамед Хусеин:

„Во Бангладеш ги охрабруваме граѓаните да преземаат сопствени анкети на локално ниво, на пример во нивните болници или во полициските станици. На пример, во една локална болница: дали лекарите се на располагање, дали има доволно лекови или дали персоналот е присутен. Формиравме граѓански групи на кои им даваме техничка помош за да можат самите да стигнуваат до податоци„

Во Колумбија пак, се води „мерење на транспарентноста„ во фирмите според тезата; колку поголема транспарентност, толку помала корупција. Но, и во овој случај се зависи од анкети и од субјективни проценки, вели Марсела Росо, од Транспаренси интернешенел од Богота:

„Проблемот е во тоа што ваквиот вид индикатори носи информации само во мал обем до кој се доаѓа само кога граѓанинот има каква и да е потреба од јавните служби. Меѓутоа, има многу постапки во кои јавните институции воопшто не се повразни со граѓаните, на пример при вработувањето. Имено, тоа се случува меѓу управата и приватните фирми, па затоа е потребен поинаков агол на посматрање„.

Исто така, пробалематично е тоа што постои цела групација учесници од што не се исклучени и странските концерни кои ги користат слабостите на правните системи во земјите во развој, вели Камерунецот Симон Н’Квети:

„Болно е кога ќе се дознае дека голем дел од корупцијата кај нас во Африка доаѓа од Европа или од индустрискиот свет. Тие носат корупција во голем стил: соработуваат со големите фирми, ги користат ресурсите или слично. Значи, корупцијата најмногу доаѓа од странците. А, им успева зашто имаме правен систем кој е никаков. Тоа е морален проблем„.

Се разбира, не се негира ниту сопствената одговорност на погодените земји. Меѓутоа, корупцијата стана транснационална, а ја има и во индустриските земји. И тоа го знаат статистичарите и борците против корупцијата.

И покрај сета ескпертност, ниту на собирот во Берлин не беше најден вистинскиот одговор, па така мудриот Индус и денес има право: треба да се открие кога рибата во вода пие, а кога не пие од водата!