1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кордон“ од молк за полицискиот кордон што го спречи новинарскиот протест

Катерина Блажевска24 октомври 2013

Полицијата треба да го штити уставното право на мирен протест, а не да го ограничува со полициски кордони и со употреба на физичка сила, оценуваат организации и експерти за човекови права.

https://p.dw.com/p/1A5Jd
Фотографија: DW/F. Musliu

Целосен молк завладеа во партиите од власта по вчерашниот (23.10) протест на новинарите против судската пресуда за новинарот Томислав Кежаровски, кој со кордон од полициски специјалци беше спречен да се одржи на најавената локација - пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Во отсуство на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која деновиве е во посета на Кина, никој од овластените лица за односи со јавноста не беше достапен или подготвен да го објасни вчерашното бројно присуство на специјалци на најавениот мирен протест на новинарите. Дел од аналитичарите резигнирано одбиваат да зборуваат за состојбите, со образложение дека „по стоти пат треба да го повторат она што сите го знаат - дека новинарската слобода, правото на протест, или медиумската култура, живеат само во сферата на теоријата, но не и во македонската практика“.

Кежаровски е средство, а не цел

Арсим Зеколи, аналитичар и поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, вели дека Македонија нема проблем со слободата на медиумите, бидејќи нема слободни медиуми.

„Македонија имаше проблем со слободата на медиумите се‘ до затворањето на А1 телевизијата и ред други критички настроени медиуми. Оттогаш ние немаме проблем со слободни медиуми, бидејќи реално и ги немаме, освен неколку намерно толерирани кои служат само за фарисејско побивање на критиките. Ние имаме проблем со недостиот на слободата воопшто. Слободата на медиумите е само епизода од серијалот на постепено стеснување на севкупните слободи во Македонија“, оценува Зеколи.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, случајот „Кежаровски“ не е цел сама за себе, туку средство за воспоставување потполна контрола преку заплашување на новинарите и неприлагодените, како и за непрекината контрола врз послушноста на правосудниот систем, воден од владејачката коалиција.

„Кежаровски не е едно од водечките пера на новинарството во Македонија, па тоа го прави погоден пример дека власта може секогаш и секого да обвини под апсурдни обвиненија, кои воедно се и пресуди. Такви примери на лица, фатени на заб од власта под сомнителни околности и однапред распнати во јавноста, има речиси во секоја бранша - стопанственици, лекари, судии, воени лица, земјоделци, политичари... Сите имаат улога да даваат пример за оние кои би помислиле да истапат надвор од зацртаните линии. Тоа е тој ’руски рулет’ на страховлада, во кој никој не знае дали е навистина невин или само не му е дојден редот за власта да му докаже дека 'е во криво'. Случајот Кежаровски служи и за испраќање порака до граѓаните, но и до надворешниот фактор дека власта нема никаков интерес или страв од меѓународни критики, и тоа непосредно по објавувањето на последниот ЕУ-извештај и пред декемврискиот самит. И таа порака е суштински искажана преку несразмерно ригидната казна од 4,5 години затвор. Таа техника е веќе видена во системи слични на сегашниот во Македонија, како Белорусија и централно-азиските републики“, оценува тој.

Двојка за медиумите

Пред два дена беше презентирано истражување спроведено во рамките на балканскиот медиумски барометар, организиран од фондацијата Фридрих Еберт. Според резултатите, медиумскиот простор во земјата е оценет со 2,2 на скалата од 1 до 5. Истражувањето било спроведено во април годинава. Според учесниците во проектот, ако се додадат работите кои уследија потоа на медиумска сцена, како што беше притворот и пресудата за Томислав Кежаровски, тогаш, оцената би била уште пониска. Правото на слобода на изразување на граѓаните и новинарите без страв е оценето со 1,6. Според експертите, во таква ситуација, уште полоша слика се создава кога и полицијата „ќе вмеша прсти“ и тоа во мирни новинарски протести. Жарко Трајаноски, експерт за човекови права, потсетува дека полицијата треба да го штити уставното право на мирен протест, а не да го ограничува со полициски кордони и со употреба на физичка сила.

Protest von Journalisten in Mazedonien
Фотографија: DW/F. Musliu

„Според Уставот на Република Македонија, 'граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола'. Уште побитно, 'користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба'. Вчера, полициски кордон го ограничи уставното право на новинарите и на граѓаните мирно да се собираат и да изразат јавен протест пред Музејот на ВМРО. Тоа значи, или сме во воена/вонредна состојба, или пак некои службени лица во МВР повторно ја злоупотребија својата службена положба и сторија кривично дело 'Спречување или смеќавање на јавен собир'. Би сакал да верувам дека Република Македонија е правна, а не полициска држава, и дека службените лица кои го спречија и смеќаваа одржувањето на мирен јавен собир пред музејот на ВМРО ќе се казнат, согласно со кривичниот законик, со затвор од три месеци до три години“, вели Трајаноски.

Protest von Journalisten in Mazedonien
Фотографија: DW/F. Musliu

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги потсети надлежните дека Законот за јавните собири утврдува дека јавен собир, заради мирно изразување на мислење или протест, може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен до здравствени установи, до детски градинки и училишта. Според тоа, музеите не претставуваат забранети зони, туку установи од јавен карактер.

„Бидејќи ова спречување на протест не е прво од ваков тип и се повторува неколкукратно во последните 4 години, до Јавното обвинителство ќе поднесеме кривична пријава против непознат полициски службеник кој ја издал незаконската наредба за спречување на протестот“, соопшти Хелсиншкиот комитет, кој вчера имаше свој претставник на протестот во улога на набљудувач. Тој стапил во контакт со еден од раководните полициски службеници, кој му одговорил дека не ги знаат причините за настанатата ситуација, дека се работи за „наредба од горе“, а не дал ни одговор на прашањето која полициска станица е одговорна за ограничувањето на движењето на учесниците во протестот.

И Орав во црно

Протестот на новинарите од Камениот мост го набљудуваше и шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Аиво Орав. Случајно или не, беше облечен во иста боја со учесниците во протестот-црна. Се очекува неговите впечатоци за протестот да се најдат во пакет со случајот Кежаровски, за кој в петок во Брисел, меѓу другото, ќе разговараат македонскиот премиер Никола Груевски и еврокомесарот за проширување Штефан Филе. По вчерашните настани, во прашање е доведен и дијалогот на Владата со новинарските здруженија, кој беше една од главните теми на осмиот состанок на заедничкиот Консултативен комитет на граѓанско општество на ЕУ и Македонија, што пред два дена се одржа во Скопје. Важноста на дијалогот со новинарите ја истакна вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими.
„Важно е да продолжиме со дијалогот со новинарите, во однос на консолидирање на законската рамка, подобрување на условите за работење и квалитетот во таа област и создавање амбиент за слобода на изразување, како што е тоа во нашиот Устав и како што посакуваме во наредниот период во сите меѓународни извештаи, за да се подобри сликата за Македонија во однос на оваа област“, рече Бесими. Но, само еден час по вчерашниот протест на новинарите, повеќе медиуми објавија дека е откажана 72. седница на Собранието, на која денеска (24.10) требаше да се расправа за предлог законот за медиуми. Наместо 72-та, денеска ќе се одржи 74-та седница. Ова информација преку електронска пошта им била доставена на сите пратеници.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Прочистување на новинарските редови

Телма телевизија, во знак на протест за пресудата за новинарот Томислав Кежаровски, како и против реакцијата на полицијата на протестот на новинарите, во вчерашните информативни изданија не известуваше за владините активности. Телевизијата Сител, пак, препозна политичка позадина во протестот. Таа се повика на неименувани аналитичари, кои изјавиле дека протестот „наликува на одработување за странски интереси кои ја попречуваат македонската интеграција и ваквите ситуации ги користат за да прикажат пред меѓународната јавност недостиг на декомратија во земјата, а во таквата игра, главен сојузник гледат во СДСМ и нивните уфрлени луѓе“. Дел од печатените медиуми го игнорираа или минимизираа протестот, а за некои главното прашање беше зошто протестот бил закажан пред Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Според Зеколи, сето тоа е одраз на долгогодишната непринципелност на новинарите.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Со години наназад, наместо да се изборат за своите права овде и сега, добар дел од новинарите им се умилкуваа на партиите од власта и опозицијата преку намерно и систематско цензурирање на непартиски и слободумни лица. Уверен сум дека доколку покажеа поголема самокритичност и желба за прочистување на сопствените редови, денеска бројот на оние кои протестираа би бил значително поголем. Ова е јасна порака за сите новинари да размислат каде грешат и почнат сами да го практикуваат она што го проповедаат“, порачува Зеколи.