1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Координација на активностите на македонските здруженија од САД и од Канада

СН/ЕМФ/миа14 април 2013

Во Вашингтон вчера заврши македонската лидерска конференција на која учествуваа водечки претставници на македонската заедница во САД и Канада. Следната конференција е планирана за јули, во Македонија.

https://p.dw.com/p/18Fb2
Фотографија: Illuscope

Гостин на конференцијата на македонската дијаспора беше митрополит Методиј од Американско-канадската епархија, кој во изминатите денови имаше средби со членови на американскиот Конгрес и функционери на Стејт департментот.

„Се разбира, на овие средби го отворивме секогаш актуелното прашање - признавањето на Македонската православна црква и повторно дојдовме до поентата дека всушност прашањето за признавањето на македонската црква е поврзано со прашањето на името на државата. Во САД се прилично добро запознати со историјата на тој проблем. Тоа се клучни и за нас многу важни прашања, прашањето на признавањето на македонската православна црква и особено нејзина егзистенција како призната црква тука, меѓу религиозните организации во САД и, се разбира, и на стариот континент“, изјави митрополит Методиј.

Амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски зборуваше за приоритетите на Македонија во контактите со САД, како што се продлабочувањето на трговските врски и подобрување на можностите за патување во САД. Јолевски ги претстави и можностите за инвестирање во Македонија, како и слободните трговски зони. Амбасадорот истакна дека придонесот на дијаспората кон економијата на Македонија се проценува на околу милијарда долари годишно.

Flash-Galerie geplante Städte USA Washington
Фотографија: AP

Меѓу поголемите македонски организации присутни на конференцијата, покрај Обединетата македонска дијаспора, беа Обединетите Македонци од Детроит и Македонската православна филантропска заедница од Колумбус, во сојузната држава Охајо.

„Ги поминавме изминатите два дена во Вашингтон, зборувајќи со македонски лидери од организации низ земјата, за заедничките интереси и цели и мислам дека развивме разбирање за нашата крајна цел, која е поткрепување на интегритетот и успехот на Република Македонија. Ќе имаме редовни годишни средби на овие раководства во САД и во Канада. Една од главните цели не е само работата на спорот за името со Грција, туку и носењето инвестиции во Македонија. Мислам дека успеваме да го промовираме ова во македонските заедници за да поттикнеме инвестиции во земјата и отворање на работни места“, изјави Џорџ Питерс, корпоративен правник од Детроит.

Претставници на Американскиот еврејски комитет, како и на заедницата на Турците во САД, имаа предавања на кои споделија искуства и совети за тоа како подобро активистите на македонската дијаспора во Вашингтон да можат да ги градат своите контакти со американските власти.