Концентрацијата на јаглерод диоксид е алармантна
11 мај 2013Мерењата покажуваат вредност од 400 ppm, што значи од еден милион честички во воздухот, 400 се јаглерод диоксид, гас кој според многу научници е одговорен за промените на климата. Накусо - колку повеќе јаглерод диоксид во атмосферата, толку потопло на Земјата. Рекордните вредности се измерени во Мауна Лоа, на Хаваи, каде концентрацијата на јаглерод диоксид во воздухот се мери повеќе од 50 години. Пред половина век вредностите беа 315 ppm, а во меѓувреме тие се повисоки за две единици секоја година, што значи растат сто пати побрзо отколку на крајот на леденото доба на Земјата.
Американскиот научник кој ја истражува климата Мајкл Мен, од Пен Стејт универзитетот, е загрижен. Таков голем пораст на вредностите на јаглерод диоксид немало во досегашната историја на Земјата. Живите суштества можат да се прилагодат на промени кои се случуваат полека, но при вакви брзи промени тоа не може да се очекува. Науката смета дека ваква концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата последен пат имало пред два милиона години. Тогаш на Земјата било потопло, речиси и немало мраз, а нивото на морињата било повисоко за повеќе десетици метри.
Вредностите на јаглерод диоксид се менуваат во текот на годината - тие во мај се највисоки, а потоа опаѓаат во текот на летото поради тоа што дрвјата и другите растенија во својата зелена фаза претвораат големи количества јаглерод диоксид во кислород.