1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конфликтот во Кавказ се заострува

9 август 2008

Борбите во отцепениот грузиски регион Јужна Осетија и натаму продолжуваат, масивните руски воздушни напади се прошириле и во регионот на Абхазија, која исто така се отцепи од Грузија на почетокот на 90-те години.

https://p.dw.com/p/EtY4
Мобилизација во ГрузијаФотографија: AP

Грузискиот Парламент прогласи вонредна состојба во земјата во траење од 15 дена, по претходно барање на претседателот Михаил Сакашвили и националниот совет за безбедност. Борбите во отцепениот грузиски регион Јужна Осетија и натаму продолжуваат, масивните руски воздушни напади се прошириле и во регионот на Абхазија, која исто така се отцепи од Грузија на почетокот на 90-те години.

Грузиската влада известува за руски воздушни напади врз воена база во близина на главниот град Тбилиси и пристанишниот град Поти, каде се наоѓа голема рафинерија за нафта и кој е целосно уништен. Агенциите во меѓувреме јавуваат дека руската војска го освоила јужноосетискиот главен град Чинвали, што властите на Јужна Осетија го демантираат. Москва призна дека се соборени два нејзини авиони.

Двете страни јавуваат за повеќе убиени и ранети, но за различни бројки.

Според руското министерство за надворешни работи во борбите се убиени најмалку 1500 луѓе,а околу 30 илјади се во бегство. Грузија најави дека ќе ги повлече и своите војници од Ирак и ќе ги премести во Јужна Осетија.

Конфликтот ескалираше вчера. Грузија започна офанзива за повторно освојување на Јужна Осетија. Русија доведе пак дополнителни трупи и тенкови во регионот.

Русија и Грузија меѓусебно се обвинуваат за одговорност за ескалацијата.

Меѓународната заедница досега без успех ги предупредува Грузија и Русија конфликтот да го решат на мирен начин. Советот за безбедност на ОН повторно на вонредната седница не донесе никаков заклучок. Јужна Осетија во 1992 година се отцепи од Грузија и има руска поддршка. Американскиот претседател Џорџ Буш побара веднаш да биде прекинат воениот судир.