1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи околу листата на осомничени грчки даночни грешници

Јанис Пападимитриу/Елизабета Милошевска Фиданоска30 октомври 2012

Листата со имиња на грчки сопственици на сметки во Швајцарија што ја објави новинарот Костас Ваксеванис предизвика полемика во Грција. Што навистина се крие зад се‘?

https://p.dw.com/p/16ZXs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Костас Ваксеванис, некогашен воен известувач, во моментов издавач на атинскиот политички магазин „Хот Док“ предизвика голема возбуда за време на изминатиот викенд во Грција (27/28.10.2012) со објавување на имињата на сопственици на банкарски сметки во Швајцарија. Сите имиња, според Ваксеванис, се од познатата „Лагард листа“. На листата која носи име по актуелната шефица на ММФ Кристин Лагард и поранешна министерка за финансии на Франција, се имињата на грчки сопственици на сметки во швајцарската филијала на големата банка ХСБЦ (Hongkong and Shanghai Banking Corporation). Таа веројатно била дел од податоците кои француската влада ги купила од лице вработено во ХСБЦ. Во 2010 година Лагард оваа листа му ја предала на грчкиот колега Јоргос Папаконстантину.

Во лавиринтот на грчката бирократија

Банкарските податоци потоа исчезнале во лавиринтот на бирократијата. Папаконстантину тврди дека веќе не може да се сети кому му ја предал листата. Неговиот наследник и претседател на социјалистичкиот ПАСОК, Евангелос Венизелос, објаснува дека ја имал листата на УСБ-стик и по промената на власта во Грција му ја дал на премиерот Андонис Самарас. Министерот за финансии Јанис Стурнарас пак, изјави дека не знае ништо и дека од Франција побарал копија на листата. „На оваа тема нема официјална кореспонденција меѓу Грција и Франција“, изјави наспроти тоа конзервативниот министер за надворешни работи, Димитрис Аврамопулос.

Прашања до прашања

Грците се вчудовидени и се прашуваат: Како е можно едноставен новинар да ја пронајде славната листа, а до нејзе да не можат да стигнат најмоќните политичари во земјата? Или можеби тоа воопшто не е вистинската „Лагард листа“, туку некоја скратена, или што е уште полошо, манипулирана верзија?

Самиот Ваксеванис објаснува дека нечие име на листата не е и доказ за затајување данок или слични престапи. Значи, оној кој се наоѓа на листата е или бил некогаш клиент во швајцарската филијала на ХСБЦ, но тоа не значи автоматски дека во Швајцарија депонирал неоданочени пари. Во Грција има слобода на трансфер на капиталот и секој може да ги стави своите пари во Швајцарија или друга земја, доколку парите се од легален извор и се оданочени.

Costas Vaxevanis
Костас ВаксеванисФотографија: Reuters

Самостојно делење правда на осамен борец?

Ако е така, нели надлежните власти или заинтересираните новинари мора да истражуваат поопширно пред да ги објават имињата и со тоа да ги стават под паушален сомнеж сите кои се на листата дека се даночни грешници? „Банкарските трансакции и работење не заслужуваат заштита на податоци“, објаснува самиот Ваксеванис. „Не е можно да се држи во тајност една ваква листа, а притоа на секоја баба во Грција да и‘ се крати пензијата“, обвинува атинскиот новинар.

Обвинителството на работите гледа очигледно поинаку. Само неколку часа по објавувањето на наводната „Лагард листа“ Ваксеванис беше притворен во неделата (28.10). Тој е обвинет дека го прекршил законот за заштита на податоци и ги повредил личните права на лицата кои се на листата.

Проблематична поддршка

Адвокатите на Ваксеванис објаснуваат дека дел од лицата чии имиња се на листата се подготвени да сведочат во полза на нивниот клиент. Реномираниот новинар има поддршка и од левичарската опозиција. Двајца пратеници на „Радикалната левица“ дури и го придружуваа издавачот на „Хот Док“ до обвинителството за да дадат демонстративна поддршка.

За дел од колегите на Ваксеванис ваквата солидарност има чуден вкус: „Тоа не и‘ е на чест на нашата фела“, рече новинарот ветеран Јанис Пантелакис за телевизијата Скај. „Дури и кога сме прогонувани без основа не смееме да дозволиме партиите, од кој и да било спектар, да настапуваат како наши заштитници“, изјави Пантелакис.