1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзен пораз на Македонија

БГ/миа5 септември 2013

Судиите на мечот не санкционираа повреда на правилата, па Црна Гора успеа да ја забележи првата победа на Европското првенство во кошарка. Германците ја шокираа Франција, Србија подобра од Литванија.

https://p.dw.com/p/19cJB
Фотографија: Samuel Kubani/AFP/Getty Images

Техничкиот комитет на Европското првенство доцна синоќа ја одби жалбата на Македонската кошаркарска федерација за натпреварот против Црна Гора, со образложение дека, според Правилата на ФИБА Европа, снимка не може да се прегледува за да се промени конечен резултат на еден натпревар. Со тоа, судиската одлука е валидна и натпреварот се регистрира со победа на Црна Гора од 81:80.

Раководството на македонската репрезентација протестираше откако кошаркар на Црна Гора ја повлече мрежичката од кошот додека топката се уште беше на обрачот во последниот напад, што е спротивно на правилата и вообичаено кошот се признава. Но судиите го превидоа прекршокот, па Црногорците се израдуваа на победата.

Македонија од втората половина на втората четвртина ја имаше контролата на резултатот, а во финишот на мечот влезе со предност која варираше од 5 до 7 поени. Но серијата неискористени напади на Македонците во последните две минути доведоа до првиот пораз на првенството.

„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар полн со многу нервоза. Секогаш се такви, најтешки, првите натпревари. Одигравме добро во поголемиот дел, но ни падна концентрацијата во завршните минути и тоа скапо не‘ чинеше. Сепак, сметам дека други фактори го одлучија победникот“, рече Дамјан Стојановски на прес-конференцијата. Селекторот Алеш Пипан не сакаше да го коментира моментот, напоменувајќи дека пред сѐ сака да ја погледне снимката од спорниот момент.

Останува надежта дека Македонците ќе стигнат до првиот триумф на ЕП вечерва против Литванија. Овој дуел е во рамките на 2.коло од Б групата која се игра во Јесенице. Почетокот е во 21 часот.

Германија подобра од Франција

Во останатите мечеви, репрезентацијата на Германија со победата над Франција 80-74, го направи најголемото изненадување на првиот ден од Евробаскетот во Словенија. Дербито на денот, кое се одигра во Б групата и припадна на Србија, која со 63-57 ја победи Литванија.

Basketball Männer Europameisterschaft Frankreich Deutschland
Фотографија: Getty Images

Германската репрезентација, која на 38-то ЕП допатува со значително подмладен состав, без НБА играчите Новицки и Кејман, на колена ја фрли Франција, која сопред прогнозите е една од репрезентациите кои ќе се борат за златниот медал. Германците во текот на целиот натпревар имаа предност, најголемата изнесуваше 17 поени, додека индиспонираните Французи само во еден момент, во финшот на третиот период успеаја да се израмнат.

Петмина играчи на Германија постигнаа двоцифрен број на поени, најефикасен беше Бензинг со 19, поен помалку кај Франција постигна Тони Паркер.

Србија, во Б групата, во која учествува и Македонија, со сигурна игра во текот на целиот меч успеа да ја совлада Литванија со 63-57.

Домаќинот на првенството Словенија успеа да се извлече во дуелот со Чешка, Словенците во Ц групата победија со 62-60. Италија и Русија го одиграа дербито во Д група, а победата им припадна на Италијанците 76-69. Луиџи Датоме со 25 поени беше најефикасен играч на Италија, кај Русија се истакна Алексеј Швед со 17 поени.