1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Континуитет или дисконтинуитет во СДСМ!?

Костадин Делимитов15 јуни 2013

Што може да се очекува од новото раководство на СДСМ? Имињата се донекаде изненадување, но клучно за идната политика или курс на партијата е дали Заев ќе добие поддршка од партиската база, коментираат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/18qWc
Фотографија: MIA

Синоќешниот избор на потпретседателите и членовите на централниот одбор што исфрли нови, но и дел познати имиња, според експертите е сигнал што навестува промени. Имињата донекаде се изненадување, но тоа е само почеток на промените во најголемата опозициска партија. Допрва претстои потешкиот дел за консолидирање и промена на политиката во партијата, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Билјана Ванковска. Според неа, се` уште е рано за проценки. Клучниот предизвик на СДСМ е внатрешна консолидација, но уште повеќе пробив кон неопределените:

„Првичниот впечаток ми е дека Заев навести нов тим за кој јавноста би рекла ’ау, ова е нешто навистина добро’ - а таква реакција кај јавноста не гледам. Гледам луѓе кои беа ’независни’ или ’блиски до партијата’ а сега се на чистина - како високи функционери. Но, треба да водиме сметка дека кај нас постои една практика според која се’ најмногу зависи од првиот човек, од лидерот, а дека другите се само негови соработници и луѓе од доверба. Доаѓањето на Заев на чело на партијата не ветува ’нов СДСМ’, па така на прв поглед не можеме да кажеме дали и колку неговите нови соработници ќе значат внесување на ’свежа крв’, нови идеи и визија за социјалдемократијата. Евидентно е дека едни професори заменија други, но не видовме отчет, дистанцирање или критики зошто се претходните сменети и што ново ќе донесат новоизбраните. За внатрешната динамика на една група важни се низа фактори, како односите со лидерот, внатрешниот рејтингот, односите со членството, односот на новото раководство со оние истакнати членови кои се членови на Парламентот, перцепциите за ова кај неопределените. Вообичаено е во Парламентот да седат и лидерот на партијата и највидните и најквалитетните луѓе - но тука СДСМ е подолго време во расчекор, па ќе биде интересно да се види како тој систем на трансмисија на партиските ставови ќе се одвива на релација Бихаќка-Собрание“, смета Ванковска.

Важно е какви ќе бидат реакциите во партијата

Нов или стар курс на политиката е значајно, но не и најважно прашање во моментов, смета аналитичарот Владимир Божиновски. Клучното прашање, според него, во моментов е дали лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе успее во политиката без притисоци од внатре:

„Многу е важно како ќе се реагира внатре во СДСМ. Во новиот тим има луѓе кои и досега имале функции, но и такви што не биле на значајни позиции. Прашањето е како тоа ќе се прифати кај членството, но пред се‘ кај структурите кои што на некој начин со ова изгубија. Колку што видов, во новиот тим ја нема Ана Павловска Данева, ниту Гордан Георгиев, кои му дадоа отворена поддршка на Зоран Јовановски. Треба да видиме каква ќе биде реакцијата од другите струи во партијата и колку ќе му успее на Заев да ги убеди дека тие се вистинскиот избор, со оглед дека најголем дел од новите луѓе се помалку или повеќе блиски до него или Радмила Шеќеринска. Што се однесува пак до курсот на партијата, мислам дека треба да почекаме неколку месеци“, коментира Божиновски.

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Новата фаза на мини ребрендирање и создавање нов политички производ во СДСМ, според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, треба да се искористи за нов партиски имиџ, програма, кредибилитет и кадровска понуда, што и очекува наскоро да се случи:

„Сепак, секоја таква сеопфатна промена во политичките партии носи и нови можности, но и закани. Од една страна, гласачите сакаат новини, па СДСМ сега има простор за освојување нова територија, односно ќе има можност да создаде некаква нова приказна, нова енергија околу себе. Од друга страна, тие би си наштетиле доколку таквата приказна ја создадат на сметка на досегашниот политички капитал или капацитет, бидејќи во тој случај би го замениле едното со другото, а не би создале дополнителна политичка вредност. Сепак, сметам дека досегашниот тек на постапката тече доста цивилизирано и инклузивно, така што имаат реална шанса да ја засилат својата позиција, доколку набрзо успаеат да создадат посилен политички производ“, смета Арсовски.

Нови потпретседатели на СДСМ кои вчера добија виза од централниот одбор на партијата се професорите Ванчо Узунов и Фросина Ременски, Дамјан Манчевски и Александар Кирачовски. Генерален секратер на партијата е Оливер Спасовски, а со централниот одбор ќе претседава професорката Рената Дескоска Треневска. На партискиот конгрес на 30 јуни се очекува и Радмила Шеќеринска и официјално да стане заменик претседател на СДСМ.