1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Консултации за решавање на спорот со Грција

Александар Чомовски 20 октомври 2008

Македонскиот државeн врв најави нова координативна средба поради проблемот со името. Во парламентот е можна расправа за ова прашање. Јавноста негативно реагира на новите идеи за решавање на спорот.

https://p.dw.com/p/FdI2
Претседателот и премиерот на Македонија ќе одржат координативна средбаФотографија: DW

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски оваа недела ќе ги продолжат консултациите за да одговорат на најновиот предлог на медијаторот Метју Нимиц. Додека тие не ги усогласат ставовите, во македонскиот парламент нема да се води дебата за грчко-македонските преговори околу името. Најверојатно ќе се чека и конечната верзија на предлогот на медијаторот, којашто во Скопје и Атина би требало да биде испратена на крајот на наредниот месец.

На собраниската седница што треба да се оддржи утре на 21.10.2008, сепак на дневен ред е ставена и резолуција за името. Таа е предложена од опозициската група предводена од Новите социјалдемократи. Но лидерот на партијата Тито Петковски најавува повлекување на документот, ако не се води дебата.

Петковски неодамна предочи дека комплетниот пакет на медијаторот Метју Нимиц е загрижувачки. Toj смета и дека претседателот и премиерот во Македонија не може да го градат личниот политички рејтинг, заземајќи различни страни во спорот околу името: „Северна Македонија или некоја географска одредница не е спорна, но не смее да се има компромис околу идентитетот, не смее да се доведе во прашање. Ние тоа го кажуваме и во нашата резолуција.“ вели Петковски.

И историчарот Михајло Миновски минатата недела предупреди од последниот сет идеи на медијаторот Метју Нимиц. Според него станува збор за: „Анти македонски проект, којшто директно задира не само во идентитетот на народот, туку го доведува во прашање континуитетот и на македонската држава и на македонската историја и македонското културно минато.“