Конгрес на либералите
14 мај 2006Гидо Вестервеле не изостави ништо во своите оценки за плановите на коалицијата во Берлин околу даночната политика. Унијата и СПД, според него, во санацијата на буџетот очигледно се на погрешната страна – наместо да ги намалуваат издатоците, тие ја ставаат раката уште подлабоко во џеповите на граѓаните – ќе се зголемува данокот на додадена вредност, а ќе се воведе и данок за богатите:
“Сега сме исправени пред најголемата програма на зголемување на даноците во историјата на земјата. Често се прашува – дали либералите се доволно социјални. Па, нема ништо понесоцијално од оваа даночна политика.“
Критиките на Вестервеле не беа насочени само кон социјалдемократскиот дел на владата, туку и на партијата на Ангела Меркел – ЦДУ, со која либералите минатата година радо ќе ја преземеа одговорноста да владеат:
“Ова не е критика само на црвениот дел од владата. Ова е јасна критика и на конзервативниот дел од владата. Кој сметаше дека е можно толку бргу да се оствари реченицата на Франц Минтеферинг “Црното е и само многу темно црвено“.“
Германија, според Вестервеле, ќе стане дух во светската економија, зашто земјата е многу под соседните земји кога се работи за стапката на пораст. Досегашната надворешна политика на Ангела Меркел, лидерот на либералите ја опиша како неопходна корекција на оската со која црвено-зелената влада го подели западот.
“Мислам дека и ние, како опозициона сила, не подаруваме ништо ако јасно признаеме дека новата влада, фала му на бога, стави крај на политиката кон Русија што ја водеше господин Шредер. “