Комисијата продолжува денеска
21 август 2013Борче Давитковски и странскиот експерт Петер Ванхаусен денеска (21.08) треба да имаат одделни средби со претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската СДСМ, со цел до петок (23.08) да се дојде до решение.
„Преговорите продолжуваат и некои детали треба да се прецизираат на одделните средби, а ако има потреба и во четврток и на заедничката средба во петок да се заврши работата“, изјави Давитковски.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски очекува резултат од седницата на ад хок Комисијата:
„Очекувам резултат од дијалогот и се надевам дека СДСМ ќе ја препознае важноста, пред се‘ за државата, од успешното завршување на овој дијалог, ќе ги надмине теснопартиските интереси и ќе успееме во наредните четири дена да дојдеме до решение. Останува да видиме што ќе се случи“, изјави вчера премиерот Груевски.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев пред седницата рече дека неговата партија ги исполнила своите обврски од првомартовскиот договор:
„СДСМ ги исполни своитеобврски од првомартовскиот договор. Очекувам овие денови Комисијата да продолжи да работи и да донесе заклучоци со кои ќе се констатираат уставни прекршувања и прекршувања на законите на Собранието“, истакна Заев.
Покрај Груевски, Заев и членовите на Комисијата, на вчерашната седница присуствуваа и шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протоѓер и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го поздрави присуството на лидерите на партиите на седницата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември, се‘ со цел, како што велат од неговиот Кабинет, да се усвои извештајот на Комисијата и да не се доведе во прашање европската перспектива на Република Македонија.