1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ќе чинат Олимписките игри

31 јули 2008

Кина сака Олимписките игри 2008 да бидат најдобри игри на сите времиња. Дали надежите ќе се остварат, не се знае. Но, досега е јасно, иако нема конкретни бројки: ова ќе бидат најскапите игри на сите времиња.

https://p.dw.com/p/Emyx
Објектите чинат повеќепати поскапо од планиранотоФотографија: AP

Во февруари 2001 година до одлуката на Меѓународниот олимписки комитет имаше уште пет месеци, но бројките беа предвидливи: 2 милијарди долари, пекиншките организатори сметаа дека толку ќе бидат доволни за изградба на потребната инфраструктура: стадиони, арени обиколни и пристапни патишта. МОК тогаш вети дека дека ќе ги поддржи подготовките за Олимписките игри со околу 1,5 милијарди долари.

Пречекорување на планираните трошоци

Четири години подоцна, во 2005 година, овие бројки изгледаа поинаку. На состанок со МОК Пекинг претстави сосема други бројки. Тие покажаа: претходно планираните финансиски рамки ќе бидат надминати. Само буџетот за одржувањето на игрите мора да биде зголемен за 20 проценти. Ако и натаму дојде до поскапување, МОК тогаш рече дека ќе бара одговорност од Пекинг поради голема небрежност.

Организаторите од Пекинг признаа дека изградбата на инфраструктура проголтува огромни пари. За градењето стадиони и пристапни патишта на пример. Но, и на МОК му беше јасно веројатно уште при доделувањето на Олимписките игри дека кинеската политика нема да ја пропушти приликата да демонстрира моќ. И дека при подигањето на објектите и подготовките ќе биде неизбежно масивно пречекорување на првобитно планираните трошоци.

Престижни објекти по баснословни цени

Така Олимпискиот комитет од Пекинг за подготовка на игрите на почетокот на 2008 година излезе со нови бројки- вкупните инвестиции чинат околу 34 милијарди долари, што е 17 пати повеќе од планираното. Парите отишле во престижните објекти како Националниот стадион, т.н. Птичјо гнездо. За него само хонорарот за архитектите изнесува 8 милиони американски долари. А тој чини двојно повеќе од предвиденото, иако плановите беа двапати проверувани и преправани поради обвинувања за ненаменско трошење.

И изградбата на сообраќајниот систем не беше евтина. Метрото треба да чини околу 1, 2 милијарди евра, иако конечните бројки не се познати.Но, тоа барем ќе им користи на граѓаните на Пекинг и по игрите.

Заштита на природата - голема ставка

Навистина скапи се инвестициите во нужната заштита на природата. Во текот на неколку години се сменети голем број системи за парно греење кои користеа јаглен. Зашто, ветени беа „Зелени игри“,а на Пекинг му се потребни и денови со сино небо и чист воздух. Кон сите овие доаѓаат и трошоци кои настанаа со затворањето на индустриските фабрики кои ја загадуваа околината,како комбинатите за челик, железо и алуминиум.

А за да може да се одбрани од критиките заради големите трошоци, организаторите радо укажуваат на одушевеноста од спонзорите. Само од главните 12 спонзори на МОК стигнаа околу 1 милијарда евра. Пекиншкиот комитет за подготовка на Олимписките игри од други 50 спонзори собра околу 1 милијарда евра. Зад овие калкулации стои надежта: колку се порепрезентативни објектите за Олимписките игри, толку поголема ќе биде добивката во имиџот. Ќе се зголемат и цените за недвижнините околу спортските стадиони. Така на овој начин градот сепак ќе има полза од високите трошоци.