1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку чини чесното соочување со неопходните реформи?

3 април 2004

Демонстрации на синдикатите ширум Европа

https://p.dw.com/p/AcOL

Во повеќе германски, но и европски градови денеска граѓаните протестираат против разградувањето на социјалната држава. На големите демонстрации повикаа синдикални и црквени организации, здруженија на невработени, како и противниците на глобализацијата. Но, што значи воопшто социјална правда во времиња на празни државни каси? И како треба да поставпуваат владите кога се и самите принудени да спроведат реформи што ги засегаат интересите на граѓаните? На овие прашања се чини дека немаат вистински одговор ниту германската, ниту француската влада, кои бирачите веќе ги казнија на регионални избори.

Во карикатурата на еден берлински весник, германскиот канцелар Герхард Шредер го прашува по телефон францускиот претседател Жак Ширак, дали не сака да ги трампи Французите кои ги даваат гласовите за левата опозиција во неговата земја за Германците кои, пак, овде гласот го даваат за партиите на конзервативната опозиција. Да, владите во Европа си имаат големи проблеми со народот. Неодеголистот кој владее во Франција веќе беше тешко казнет од бирачите на неодамнешните регионални избори, бидејќи граѓаните во принцип се сложуваат со неопходноста на реформите во социјалните системи, но како да инсистираат тие реформи да не го заболат никого. Не му е полесно ни на неговиот германски колега, кој не само што допрва ќе се соочува со натамошни изборни порази во покраините, туку мора да ја гледа и неговата социјалдемократска партија во најголема криза на идентитетот во поновата германска историја.

Значи ли тоа дека западните демократии се уловени во интересните структури на нивната општествена база и со тоа неспособни за реформирање на неодржливите социјални системи? Примерите на скандинавските земји или пак на Холандија за среќа го негираат ваквиот заклучок, но за волја на вистината мора да се каже дека и во овие земји паѓаа влади кои посегнаа во интересите на обичниот граѓанин.

Германската опозиција е исто така свесна дека за неверојатно високиот рејтинг, што моментално може да го ужива, не се заслужни нејзините добри алтернативни концепти, туку едноставно незадоволството на бирачите со актуелната власт. А таа пак ја пропушти приликата кога ја смени од власт сегашната опозиција јасно да ги прикаже нејзините визии за социјалната држава во 21. век. Затоа сега никого не треба да го чуди што голем број гневни граѓани се чувствуваат прелажани од Шредер и неговите “другари и другарки“. Но, гневот на народот се чини дека воопшто ни не прави повеќе разлики меѓу партиите. На луѓето им е исто така јасно и дека радикалните партии, кои со популистички пароли се обидуваат да се вклучат во борбата за политичка моќ, не се реална алтернатива за болните, но неизбежни вистини. Затоа на владите не им останува ништо друго, освен чесно да им се спротистават на отпорите на неопходните реформи. Таквиот цивилен кураж на политичарите може дури и да биде награден. Храброста во соочувањето со вистината во секој случај во демократските системи може да биде скапа - се до крајната консеквенца, губењето на власта!