1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се сигурни банките?

Андреас Бекер/ Симе Недевски26 јануари 2014

Бројот на високо рангирани банкари присутни на Светскиот економски форум (22.-25.1.) беше огромен. Сепак и во Давос се спореше за тоа дали финансиските институции и пазари по кризата станале посигурни.

https://p.dw.com/p/1AwDg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓу учесниците на Светскиот економски форум (СЕФ) широко е распространето мислењето дека банките и финансиските пазари пет години по кризата повторно се сигурни. Даглас Флинт, претседател на управниот одбор на британскиот банкарски гигант ХСБЦ (Ејџ-ес-би-си), третата по големина банка во светот, вели дека може да наведе цела листа со детали кои го потврдуваат тоа. Повеќе капитал, ликвидност, построги правила и редовни стрес тестови.

Неговата банка дури мораше да напише своевиден тестамент. Тоа Службата за банкарски надзор Financial Stability Board им го пропишува на банкарските институции кои важат за системски релевантни. Флинт вели дека на повеќе од 10 илјади страници е наведено што е потребно да се стори доколку работите тргнат лошо. „Ако се иземе атомската индустрија, тогаш не постои ниту една друга бранша која мора да наведе толку детални планови за случај на целосен колапс“, вели Флинт.

Природни катастрофи и други споредби

Професорката на американскиот универзитет Стенфорд, Анат Адмати има проблеми веќе со изборот на зборови кои ги користи Флинт. Тој и другите банкари финансиската криза се обидуваат да ја претстават како природна катастрофа. „Таква споредба во целост е несоодветна. Тоа во ниeдна смисла не беше природна катастрофа“, вели Адмати и додава: „Финансиските кризи ги предизвикуваат луѓето и постојат голем број одговорни личности“.

Davos Weltwirtschaftsforum Douglas Flint HSBC Bank
Даглас Флинт, претседател на управниот одбор на британската банка ХСБЦФотографија: WEF

Адмати финансиските кризи ги споредува со тешките незгоди или експлозиите во населено место кои ги предизвикуваат пренатоварени камион при магла. Како единствена реакција би се огранила брзината за неколку километри на час, инаку ништо не би се променило.

Сигурност и капацитет

Ентони Џенкинс, директор на британската банка Барклис, на тоа гледа поинаку: „Денес системот е посигурен отколку во 2008. година. Меѓутоа мора да биде уште посигурен. Задача на општеството е во еден демократски процес да утврди како меѓусебно можат да се врамнотежат сигурноста и капацитетот“, смета Џенкинс

Банките честопати го користат зборот „капацитет“ како аргумент што не даваат повеќе кредити. Имено банките наведуваат дека од нив се бара во своите благајни да имаат повеќе пари, што пак значи дека можат да даваат помалку кредити. Тоа во секој случај има негативни последици за стопанството.

Премалку сопствен капитал?

За финансиската експертка Адмати главен проблем е тоа што банките имаат малку сопствен капитал: „Сосема е нездраво ако банките имаат малку сопствен капитал. Ниту една бранша во целата економија нема толку лесен пристап до ефтини пари како банките. Меѓутоа ризикот не ги погодува само банките , туку сите нас“, вели Адмати.

Antony Jenkins Barclays
Ентони Џенкинс, директор на британската банка БарклисФотографија: picture-alliance/dpa

За време на финансиската криза стана јасно дека при малку сопствен капитал и најмалиот проблем може да доведе до банкрот на една банка. Товарот од тоа го сносат даночните обврзници. Адмати се залага за исти норми како оние кои важат при купување на приватни недвижности, односно сопствениот капитал на банките да мора да изнесува 20 до 30 проценти. Меѓутоа речиси е неверојатно дека тоа ќе биде имплементирано.

Даночните обврзници, штедачите, пензионерите

Адмати вели дека повеќето сопствен капитал ги прави банките поздрави. Даглас Флинт од ХСБЦ вели дека ваквото јакнење на банките оди на товар на сопствениците, односно акционерите. Тоа значи помалку добивка за вложените средства. од тоа не се погодени само големите инвеститори туку и парите вложени во пенсиски фондови.

„Кога политичарите велат: даночните обврзници никогаш повеќе не мора да ги спасуваат банките, за јавноста тоа е примамлива реченица. Меѓутоа реченицата продолжува: даночните обврзници повеќе не мора да плаќаат за спас на банките зашто нивните пари и онака ќе бидат земени од пензиите и заштедите“, истакнува Флинт.

Но и ова не звучи доволно убедливо за Адмати. Таа во меѓувреме заедно со нејзиниот колега од германскиот град Бон, Мартин Хелвих напиша цела книга за банкарскиот света со наслов „Новото руво на банкарите“.