1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку посиромашен, толку понесолидарен

М.Таневска(дпа, афпд, кна)21 јули 2013

Германската фондација Бертелсман спореди 34 земји од ОЕЦД по прашањето на социјално единство. Студијата открива дека економската мака ги разделува луѓето, миграцијата нема влијание, а толеранцијата во Германија опаѓа.

https://p.dw.com/p/198kp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Студијата открива дека социјалното единство е силно во богатите скандинавски земји - Данска, Шведска, Норвешка, Финска, додека во јужните европски земји, кои се најмногу погодени од кризата, е послабо, со тоа што Бугарија, Грција и Романија се на дното на листата.

„Солидарноста е важна во обликувањето на иднината во општеството“, рече Лиз Мон, заменик претседател на фондацијата Бертелсман, за време на презентацијата на студијата денеска деновиве во Гитерсло.

„Солидарноста има позитивен ефект на поединците во општеството. Поголема солидарност значи зголемување на личната благосостојба“, додава таа.

Социолозите на Универзитетот Бремен собраа релевантни податоци од 34 земји за период од 25 години. Земјите се од Европската унија, а има и други членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), како Северна Америка, Океанија и Израел.

Германија е на 14 место, точно пред Велика Британија и Франција, и многу понапред од балтичките земји, но под Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Нов Зеланд.

Во малите европски земји како Швајцарија, Австрија и Луксембург, постои силно чувство на заедништво.

Луѓето одговараа на прашања за нивната социјална мрежа, за тоа дали имаат пријатели и дали се согласуваат добро со нивните соседи. Беа прашани и за тоа што мислат за правниот систем и праведноста во државата.

Во Германија овој тренд се покачува и истражувачите тоа го припишуваат на силната економија.

Во студијата се заклучува дека еднаквата распределба на богатството, малата разлика во приходите и високото образование, придонесуваат за чувството на заедништво. Економските тешкотии, пак, го имаат спротивниот ефект: ги тераат луѓето да се бранат себеси наместо да ги збијат редовите, откриваат истражувачите.

Потврден е ставот дека и покрај тоа што опаѓа довербата во банкарскиот сектор, Германците имаат голема доверба во политичките институции и полицијата. Сега и повеќе, отколку кога започна истражувачкиот проект во 1989, по обединувањето.

Во тоа време имаше видлива недоверба кон институциите во источниот дел од земјата, кој го отфрли комунистичкото владеење.

Миграцијата, пак, нема видливо влијание на социјалната кохезија. Истражувачите не најдоа знак дека поголемиот број на мигранти влијаел врз одговорите на каков било начин.

Тие, меѓутоа, посочија дека се забележува алармантен тренд во Германија на отфрлањето на разновидноста. Во прашањата беа вклучени и онакви за прифаќање на луѓето со различна боја на кожа, различна религија или сексуална ориентација.

Целосно рангирање според степенот на социјална кохезија: Данска, Норвешка, Финска, Шведска, Нов Зеланд, Австралија, Канада, САД, Швајцарија, Луксембург, Холандија, Ирска, Австрија, Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија, Белгија, Естонија, Малта, Полска, Словенија, Република Чешка, Италија, Унгарија, Португалија, Словачка, Израел, Република Кипар, Литванија, Латвиа, Бугарија, Грција, Романија.