1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е реална опасноста лустрацијата да излезе од колосек?

22 јануари 2010

Од 25 јануари почнува рокот за лустрација на судиите, правобранителите и обвинителите во Македонија. Комисијата, која со работа почна пред една година досега лустрирала 61 носител на јавна функција.

https://p.dw.com/p/LdVJ
Фотографија: AP

Шпенди Винца, претседателот на Комисијата, оценува дека досегашниот процес на лустрација во Македонија се одвива мошне добро. Од над 260 поднесени изјави на државни функционери лустрирани се 61 и досега ниту еден не бил соработник на тајните служби, наведува тој.

Тој смета дека лустрацијата во наредниот период ќе добие на интензитет со тоа што од наредните денови на дневен ред за лустрирање ќе дојдат и претставниците на третата, судска власт, а на ред на чекање за законска лустрација се наоѓаат повеќе илјади избрани носители на јавни функции, директори, членови на Управни одбори, инспектори, итн. „Процесот на лустрација е еден катарзис на минатото и треба да се направи и мислам дека во Македонија ќе се спровде лустрацијата во следните 10 години, колку што законот важи,“ вели Винца.

Спротивно мислење на партиите од опозицијата

Потпретседателот на Обединети за Македонија Филип Петровски, кој познато е во минатото бил следен од тајните служби, за што во УБК имал досие, смета дека лустрацијата во Македонија има недостатоци: „Мора да се потенцира дека процесот се води извонредно споро, извонредно неефикасно и на многу сомнителен начин. Она што досега го гледаме не дава надеж дека лустрацијата ќе се заврши на соодветен начин. Знаeме дека има многу соработници на полицијата и досиеја, а нема функционери кои напредувале на овој начин,“ вели Петровски.

И подносителот на законот за лустрација и човекот кој со години сакаше Македонија да расчисти со овој дел од своето минато, пратеникот Стојан Андов, има стравувања дека лустрацијата може да добие несакан правец, особено со можноста за манипулација од страна на тајните служби. „Не можеме да судиме според првите резултати на Комисијата. Рано е. Јас повеќе се плашам од некои струи во тајните служби дека може да почнат да селектираат за кого какви информции ќе дадат,“ вели Андов.

„Да не правиме улична лустрација“

Случајот со новинарот Драган Павловиќ Латас, кој од весникот „Време“ беше обвинет за соработка со српската тајна служба и за учество во палењето на американската амбасада во Скопје во 1999 година, на најилустративен начин покажува дека овој и пречувствителен процес не сме да се води надвор од институциите. Иако овој случај не подлежи на законот за лустрација, затоа што Латас во написот се обвинува за шпионажа и велепредавство, сепак, со жестокоста во настапите на сите инволвирани страни, прозваниот, медиумите, поранешни функционери на државната безбедност, партии, покажува дека лустрацијата треба да се изведе низ законска постапка, а не преку телевизиите или весниците, без разлика колку тоа било гледано, читано, ефективно или политички курентно. „Таа лустрација ниту е законска, ниту можат да подлежат на одговорност лицата за кои се укажува. Да не правиме улична лустрација. Граѓаните слободно нека донесат документи до нас и ние ќе ги разгледаме, ќе донесеме законски одлуки“, вели заменик претседателот на Комисијата за лустрација Чедомир Дамјановски.

Во Македонија, се чини, интересното допрва претстои, особено ако се знае, а тоа и функционерите од МВР постојано го потврдуваат, дека надвор од архивите на тајните служби се наоѓаат многу досиеја што чекаат само погоден момент да бидат објавени и да се употребат за дадена политичка цел.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска