1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е реален мир меѓу Израел и Сирија?

2 мај 2008

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан е со намера Израел и Сирија да ги донесе на преговарачка маса. Зошто оваа мировна понуда се појавува токму сега?

https://p.dw.com/p/DsBM
Засега израелските тенкови се уште стражарат на Голанската висорамнинаФотографија: AP

Далеку од очите на јавноста, Израел и Сирија се’ повеќе се приближуваат. Со месеци тајно се преговара за мировен договор и за враќање на Голанската висорманина. Ваквиот мировен договор би им донесол предности како на Ерусалим, така и на Дамаск.

Израел би можел да ја извлече Сирија од алијансата со соседниот Иран, со што би ја намалил иранската поддршка за Хезболах во Јужен Либан. Освен тоа, натаму би се нормализирале односите со арапските држави: Сирија би била третата држава непосреден сосед, по мировните договори со Египет и Јордан. Освен тоа, Израел при враќањето на Голанската висорманина не мора да страхува од преголеми внатрешно-политички потреси. Еврејските доселеници на Голан важат за многу поумерени од оние на западниот брег. Враќањето на Голан не може да не успее поради нив, смета експертот за Блискиот исток од Фондацијата Бертелсман, Штефан Фопел:

„За израелската политика и од стратегиски аспект Голанската висорамнина е дел од кој можат да се откажат. Тоа значи дека е релативно едноставно овде да се спроведе формулата ’Земја за мир’„.

Од сириски агол на посматрање станува збор за национална чест. Враќањето на Голан ќе обезбеди и пристап кон важните извори на вода за пиењена езерото Генезарет.

Најголем профит меѓутоа, ќе има претседателот на Сирија, Башар ал Асад. Лошата економска состојба, намаленото влијание во Либан, но и намалената поддршка од арапските држави ја ослабеа позицијата на Асад во земјата. Со вратен Голан би вратил нешто од загубениот престиж, смета Штефан Фопел:

„Сите знаат дека Сирија има два големи стратегиски интереса: од една страна повторно да стекне влијание во Либан, од друга, за Сиријците решавчка точка е Голанската висорманина која, се чини, повторно избива на преден план„.

Паѓа во очи времето на тајните преговори: пред нецели седум месеци израелското воздухопловство изврши напад врз едни постројки во сириската пустина. Според ЦИА, станува збор за атомски постројки што Сирија ги градела со помош на Северна Кореја. Тоа што Дамаск не протестираше многу гласно може да значи дека Сирија имала нешто да сокрие, или барем не можеше да докаже невиност. А, и Асад, барем внатрешно-политички, не може да си дозволи да признае неуспех. Од друга страна, Израел нема интерес да крахира режимот во Дамаск. Во Ерусалим, вели експертот Штефан Фопел, се загрижени за едно:

„Колку е стабилен Асад помладиот? Колку е силна неговата позиција во Сирија и во арапскиот свет, посебно кон Иран? Дали може да води сопствена политика? Голан сигурно би значел, како противуслуга, Сирија да се откаже од тесната алијанса со Иран„.

Враќањето на Голан дефинитивно ќе го поддржи Асад, но истовремено и посилно ќе го поврзе со Израел. Врз ваквата основа, мировен договор меѓу Израел и Сирија има реални шанси.