1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310709 Dialog Rockmusik unislamisch?

1 август 2009

Дали рокенролот и воопшто западната музика се опасни за исламот, дали се антиисламски? Ова не е само апстрактна дилема. Во делови на Пакистан пеењето рокенрол песни може да ве чини живот.

https://p.dw.com/p/J1UA
Дервишки танци на рокенрол музика?Фотографија: AP

Ѕидовите во куќата на браќата Назар и Јусуф се накитени со религиозни мотиви, пред се`, со поезија што го слави Алах. Обајцата се длабоко религиозни и истовремено многу ја сакаат рок музиката. Како во рокенролот, така и во песните на исламскиот ред на суфизмот, се` се врти околу болката. Таа е точката на спојување што двајцата браќа ја земаат како подлога за нивните песни, кои раскажуваат за животот каков што е денес во нивната татковина, Пакистан. „Што чувствуваат селаните во селата? Тие немаат чиста вода за пиење, немаат добри патишта, ни болници. Сите наши песни зборуваат за разните видови болка, исто така и за онаа кога некој стрела во тебе, иако ти немаш оружје...“

Pakistan Sufi Muhammad
Суфи учителот Мухамад од долината Сват во ПакистанФотографија: AP

Оние коишто стрелаат во музичарите се радикалните исламисти од северо-западот на Пакистан, кои се категорично против секакво влијание на западната култура. Ова е борба на култури, која секојдневно носи жртви, појаснува новинарот Хакнаваз Кан: „Милитантните групи од пограничните подрачја на северот, тие посебно ја напаѓаат музика, креваат во воздух дури продавници за музички ЦД-а. Тоа за нив е опасност по исламот.“

Исламот и музиката

Меѓутоа, историски факт е дека исламот во Азија стигнал преку медиумот на музиката. На генерации исламски воини не им пошло од рака да го освојат индискиот потконтинент со оружје, но затоа припадниците на суфи традицијата лесно се замешале меѓу обичниот народ и живеејќи со него пренесувале учењата на исламот преку песни. Суфистите и ден денес проповедаат толерантен ислам, раскажува новинарот Кан. Верниците се повикуваат на светецот Мујнудин Чести, кој се смета за еден од основачите на суфи традицијата: „На Мујнудин Чести му се сонил сон. Тој според преданието бил многу загрижен оти никој не ги слушал неговите проповеди и не знаел како би можел да ги пренесе понатаму пораките на исламот. Така во сон му дошло откровение дека треба да седи со обичните луѓе и да им пее песни. Така тој набавил харомониум и почнал да пее на улица. Од тој ден луѓето се собирале се` повеќе околу него и ја слушале музиката, во која како текст служеле светите пораки на пророкот Мухамед.“

BdT Derwische tanzen
Дервиши се вртат на прославата на 800 годишнината од раѓањето на славниот суфи поет РумиФотографија: AP

И ден денес во Пакистан суфистите се собираат на свети места и го слават Бога со тапани и мистични дервишки танци. Писателот Ифтикар Ариф посочува: „Мистичниот ред што ги основа Чести е многу популарен во овој дел од светот и од него произлегле многумина свеци. Сите тие имале длабока поврзаност со класичната индуска музика, а некои дури и самите компонирале.“

Наследници на суфите

Браќата Назир и Јусуф се чувствуваат длабоко поврзани токму со оваа стара традиција и затоа сега, според примерот на светите претходници, ги мешаат стиховите од коранот со рок музиката. Затоа што духовната обнова по ненасилен пат останува и до денес основната цел на суфизмот: „Кога ќе им се обратите на мистиците, тие ќе ви дадат утеха и заштита. Денес живееме во тешки времиња, западната цивилизација повторно го предизвикува исламот. Ако некој може да ги помири, тоа е само некој мистичен ред“ - уверен е поетот Ифтикар Ариф.

Исто како и браќата Назир и Јусуф, кои и понатаму ќе креираат рокенрол со муслимански мудрости...

Автор: Јута Швенгсбир / Горан Чутаноски

Редактор: Алексанадра Трајковска