1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е одржливо турското економско чудо?

Ајхан Шимшек/ Симе Недевски27 јуни 2012

Турција ужива импресивен стопански бум во последнава деценија. Но, секогаш има и друга страна на медалот.

https://p.dw.com/p/15M34
Фотографија: kebox - Fotolia.com

И покрај мрачните економски прогнози во Европа, турското стопанство продолжува брзо да расте, правејќи ја земјата атрактивна дестинација за странски инвестиции. Економскиот раст изнесуваше близу 7,5 проценти во 2011-та, а во оваа година турската влада прогнозира натамошен арст за околу 4 насто. Извозот и увозот на Турција продолжуваат да растат, како уште еден знак за силата на 15-та најголема економија во светот и седмата во Европа. Турскиот нацинален долг сега е редуциран на само 42 насто од бруто-општествениот производ што е меѓу најниските вредности во Европа, по Шведска и Чешка. Следејќи го целиот позитивен развој во последно време, агенцијата „Мудис“ мината недела го зголеми кредитниот рејтинг на Турција на Ба1, зајакнувајќи ја на тој начин позицијата на земјата како нова финансиска сила. 

Главни причини за загриженост

Многу аналитичари сметаат дека економската политика на владејачката Партија на правдата и развојот е успешна приказна. Но, турската економија не е имуна на проблемите кои можат да произлезат од брзиот економски раст во последниве години или, пак, на надворешните фактори, како што е финансиската криза во Европа. Имено, турската економија е многу зависна од Европа, а финансиската криза во еврозоната ги зголемува предизвиците за стопанскиот раст на Турција. 46 насто од турскиот извоз оди во ЕУ, а Европа продолжува да биде главен извор на директни странски инвестиции во Турција, со удел од 76 проценти. Покрај тоа, повеќе од 75 насто од туристите во Турција доаѓаат токму од Европа.

Турција уживаше импресивен економски бум во последнава деценија, но оддржливоста на стопанскиот раст во годините што претстојат е под знак прашање. Многу аналитичари во дефицитот на тековната сметка на Турција гледаат главен извор на загриженост за иднината на економијата. Овој дефицит изнесуваше 10 насто од бруто-домашниот производ во 2011, односно еден од највисоките во светот. Главна причина е големиот јаз меѓу извозот и увозот на Турција.

Според Махфи Егилмез, економист и поранешен помошник министер за финансии, дефицитот на тековната сметка бил интегрален дел на турскиот модел на развој. Турција беше земја во развој зависна од увозот, но тој модел мора да се промени, смета Егилмез.

Deutschland Türkische Fußballfans mit Türkischer Flagge
Фотографија: DW/Lucassen

„Со актуелниот модел нема да биде возможно Турција да го продолжи нејзиниот десетгодишен економски бум и во наредната деценија. Турција мора да се заврти кон нов модел со мото - помал дефицит на тековната сметка, повеќе домашно производство со отворена странска конкуренција“, напиша Егилмез во неговиот блог.

Реалната слика

И додека многу аналитичари се оптимисти за иднината на турското стопанство, економисти како Мустафа Сонмез предупредуваат од преголем оптимизам. Според него макроекономските статистики потенцирани од владата како успешна приказна даваат само ограничена слика за реалната ситуација во турската економија. Статистиките за растот на Бруто-домашниот производ, за извозот, за националниот долг, за дефицитот на тековната сметка се важни, но не се доволни за стекнување сеопфатна слика. Турската гордост за сопствената економија треба да биде базирана на факти, а не на илузии, порачува Сонмез.

„Ако ги споредиме Турција и европските економии, треба да се погледнат и други фактори. Според просечните примања на граѓаните, на пример, Турција е се’ уште далеку од просекот во ЕУ. Просечните примања на турските граѓани се речиси за половина помали од европскиот просек“, вели Сонмез и додава: „Да не се гледа реалната слика е исто како да се биде жабата во бајките на Езоп, која сака да биде голема колку крава. Таа се дува и дува и дува, но на крајот се распрснува“.