1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава е силата на Рохани да промени нешто во Иран?

Јашар Ерфаниан/Хосеин Кермани/Жана Ацеска16 јуни 2013

Изненадување во Иран - умерениот кандидат Хасан Рохани убедливо јасно е избран за нов претседател во земјата. Многу Иранци се надеваат на реформи, но маневарскиот простор на Рохани е ограничен.

https://p.dw.com/p/18qjC
Фотографија: mosalas.ir

Кога иранската изборна комисија вчера попладнето (15.06) ги соопшти резултатите од претседателските избори, во Техеран изби славје: илјадници приврзеници на Рохани, кој важи за умерен, излегоа на улиците за да се радуваат на победата на својот кандидат. Никој во земјата не сметаше на толку јасна победа на Рохани уште во првиот изборен круг.

Iran Wahl 2013
Славје на улиците на ТехеранФотографија: Behrouz Mehri/AFP/Getty Images

Предност од 30 проценти

Во деновите пред изборите се множеа знаците оти улогата на Рохани треба да се сфати посериозно. Поранешниот преговарач во атомскиот спор според анкетите постојано го зголемуваше рејтингот, така што се очекуваше на крајот да биде во потесниот круг. Но, за никој од кандидатите не се прогнозираше апсолутно мнозинство.

„Незамисливо е авторитетите да дозволат апсолутно мнозинство на Рохани“, сметаше пред изборите техеранскиот новинар Мортеза Каземиан. Победата на Рохани е дотолку поизненадувачка, тој освои дури 51 процент, за разлика од неговите политички ривали од конзервативниот табор, кои заостануваат со освоени најмногу 20 проценти.

„Денешниот ден потсетува на првата изборна победа на Мохамед Хатами во 1997 година, кога луѓето со своите гласови сакаа да предизвикаат промена“, истакнува техеранскиот политиколог Садег Зибакалам за Дојче веле.

Политичките набљудувачи очекуваа и понеизвесен изборен исход. Долго време градоначалникот на Техеран, Мохамед Багер Галибаф и актуелниот преговарач на Иран во атомскиот спор, Саид Џалили, важеа за фаворити од конзервативниот табор. Шанси му беа давани и на Али Акбар Велајати, советник на духовниот водач, ајатолахот Али Хамнеи.

Iran Wahl 2013
Неочекувана висока излезност од 72 процентиФотографија: Reuters

Дебакл на конзервативците

Исходот на изборите треба да предизвика загриженост во конзервативниот табор. Таму со месеци се вршеа обиди за обединување околу единствен кандидат, заради избегнување расцеп, што би ги зголемило шансите за победа на конзервативците. Потрагата по таков кандидат официјално беше прекината, зашто не постоеше единство. Како големо изненадување важи пред се‘ пласманот на двајцата екстремно конзервативни кандидати Џалили и Велајати, кои пред изборите аналитичарите ги сметаа за „љубимци“ на Хамнеи.

Расположението во реформскиот блок, напротив, треба да биде позитивно. Првпат по четири години од раѓањето и поразот на опозиционото т.н. „Зелено движење“ околу тогашните претседателски кандидати Мир Хусеин Мусави и Мохамед Каруби, реформистите добија поттик со неочекуваната изборна победа. Рохани не се смета навистина за класичен реформатор, но како единствен преостанат умерен кандидат во претседателската трка ја уживаше поддршката на најважните организации од реформскиот табор, како и на двајцата екс-претседатели, Мохамед Хатами и ајатолахот Акбар Хашеми Рафсанџани. Рохани во изборната борба најави засилена дипломатија кон Западот, со цел да издејствува барем намалување на санкциите против Иран. На таков начин би се подобрила економската ситуација во земјата. Рохани стана познат како шеф на преговарачкиот тим во иранскиот атомски спор за време на претседателот Хатами. Во тоа време Западот договори со него привремен прекин на облагородувањето ураниум.

Bildkombo Präsidentschaftskandidaten Wahlen im Iran NEU
Кандидатите за избор на претседател

„Воскреснување“ на реформскиот табор?

На реформскиот блок со месеци пред претседателските избори од страна на многу експерти не му беа давани никакви шанси. Неговото гласачко тело се сметаше за премногу деморализирано по насилното задушување на „Зеленото движење“. Преку социјалните мрежи многумина Иранци најавија намера да ги бојкотираат изборите, зашто од нивен аспект учествувањето на нив би било рамно на предавство кон политичките затвореници. Откажувањето на Хатами од кандидатура и дисквалификацијата на Рафсанџани се чинеше дополнително ги намалија шансите за изборна победа на реформаторите. Не се веруваше во можноста Рохани да успее да ги мобилизира разочараните реформски ореинтирани гласачи. Неговата победа токму затоа е уште поголемо изненадување.

„Гласачите на крајот станаа свесни дека со бојкот не можат ништо да променат. Свој придонес дадоа и повиците на Хатами, Рафсанџани и некои затворени реформатори, да се гласа за Рохани“, смета техеранскиот политиколог Зибакалам.

Дали Рохани ќе може да го користи својот мандат за да ги реализира изборните ветувања, останува да се види. Зибакалам предупредува дека не треба да се имаат нереални очекувања од наследникот на Ахмадинеџад:

„Не смееме да се залажуваме. Центрите на моќта се‘ уште се во рацете на конзервативците. Нема да биде лесно да се спроведат целите на реформаторите, но тоа не е и неможно“.