1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се Сиките?

Прија Еселборн/ Жана Ацеска7 август 2012

Златниот храм во Амритсар е најпознатото светилиште на Сиките и на најмладата светска религија. Во САД, Сиките се‘ почесто се цел на напади.

https://p.dw.com/p/15l6a
Фотографија: AP

Што се крие зад атентатот врз храмот на Сиките во американската сојузна држава Висконсин во неделата, во кој настрадаа шест лица и самиот напаѓач? Дали се работи за омраза кон муслиманите, со кои Сиките можеби биле поистоветени? Во врска со нападите од 11. септември 2001. година Сиките минатите години често беа цел на напади во САД. Всушност, надвор од Индија, многу малку се знае за Сиките и нивната вера.

Сиките во Индија

Најголем дел од Сиките живее во индиската сојузна држава Пенџаб. Сиките сочинуваат две проценти од индиското население, кое моментно брои 1,2 милијарди луѓе. Во 1980-те години фундаменталистите меѓу нив побараа отцепување на економски моќната Пенџаб од Индија. Тогашниот премиер Индира Ганди нареди напад врз Златниот храм во Амритсар, светото место на Сиките. На 31.10.1984. година таа беше убиена од нејзин телохранител, припадник на Сиките,а следеа крвави погроми.

Indien Ministerpräsident Manmohan Singh
Индискиот премиер Манмохан Синг во моментов е најпроминентен СикФотографија: AP

Дијаспората распрскана низ цел свет

Во САД живеат околу 500 илјади Сики. Тие се доселиле таму по потрага по подобар живот кон крајот на 19. век. На почеток Сиките работеле главно земјоделство, но во меѓувреме се доста почитувани и добростоечки, вработени се и во јавните служби. Американскиот претседател Барак Обама затоа при изразувањето сочувство кон жртвите, истакна:

„На ваков ден, на кој зборуваме за трагична загуба и тоа уште во божји храм, треба да се потсетиме колку нашата земја е збогатена преку Сиките, кои се дел од нашето американско семејство“.

Голема заедница на Сиките постои и во Канада и во Велика Британија. Во Германија живеат според проценките меѓу пет и 15 илјади Сики.

Религијата на Сиките

Поедноставено кажано, религијата на Сиките е мешавина од хиндуизам и ислам. Сикизмот е монотеистичка религија, чиј основач е Гуру Нанак (1469-1530). Тој бил роден како Нанак Дев во денешен Пакистан, во Нанкана Сахиб, околу 40 километри оддалечен од Лахоре. Гуру е почесна титула и значи учител. Според легендата, Гуру Нанак, роден во семејство на хиндуисти, при утринското капење во 1499. година имал визија. Тогаш 30-годишниот по привидувањето продал се‘ што имал и тргнал на аџилак низ земјата за да ја шири верата во единствен Бог. Гуру Нанак ја отфрлал кастинската поделба и со тоа неговата вера била атрактивна за припадниците на пониските касти.

Рамноправноста на луѓето, вкоренета во сикизмот, се покажува и во тоа што мажите и жените носат исти имиња, а полот се распознава само во презимињата- Синг (Löwe) за мажите и Kaur (Prinzessin) за жените.

Guru Nanak mit Gefährten Gemälde
Гуру Нанак на платно од 20. векФотографија: picture alliance / Yvan Travert / akg-images

Учењето на Гуру Нанак и неговите девет гуру-наследници е содржано во Светата книга на Сиките. Храмот на Сиките е наречен Гурудвара, буквално преведено-„Врата кон гуру“. Секој, без разлика од која религија или култура, може двапати дневно да учествува во заедничкото јадење во храмот, наречен Лангер. Пред се‘ во недела, кога и се случи атентатот во Висконсим, Гурдвара е средиште за многу верници.

Религиозни симболи

Припадникот на Сиките се распознава по пет верски симболи. Тоа се: кес, нестрижена коса, која мажите ја свиткуваат во турбанот, а значи почит кон создателот; потоа доаѓа дрвен чешел, канга; специјален нож-кирпан, знак дека Сиките се бранители на сиромашните и немоќните; кара-едноставна метална белезица, која ја симболизира заедницата; специјални пантолони до колена, кача или кахера, кои ја претставуваат сексуалната умереност.