1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се најбогатите во Македонија?

24 март 2010

Во Македонија нема милијардери, но се знае за неколку стотини домашни милионери. Тие поседуваат акции во металната индустрија, рударството, шпедицијата, медиумите, фармацевтските куќи, како и во болници, банки.

https://p.dw.com/p/MaWm
Фотографија: bilderbox/DW

Во време на економска рецесија, лани македонски бизнисмен како чист приход за оданочување пријавил 15 милиони евра. Една година пред овој фискален период, скопски и битолски бизнисмен, сопственици на компании, заработиле 20, односно 30 милиони евра профит, што предизвика вчудоневиденост и кај даночните служби. Истовремено, газда на една позната профитабилна ИТ компанија, стекнал 30 милиони евра приход од купопродажба на акции во време кога македонската берза бележеше подеми и падови, од најскапи до најефтини акции на пазарот на капитал.

Нема милијардери, но има стотици милионери

Во Македонија нема милијардери, малкумина се на балканските простори, но се знае за неколку стотини домашни милионери.

Се‘ повеќе богаташи ги пополнуваат даночните годишни пријави во март, кога „фискалците“ ги тријат рацете, зашто од овој дел на даноците се полни и буџетот.

„Нема отпор кон богатите, нема и страв кај нив поради евентуалните дилеми во јавноста-од каде им е стекнатото богатството. Со добра и стимулативна даночна политика, Владата успеа да ги охрабри бизнисмените да го пријавуваат во земјата својот профит, наместо да го изнесуваат на странски острови и преку оф шор компании“, вели за ДВ универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Зошто не се прави ранг листа на најбогатите?

Дали во скудни социјални и услови на либерална економија и пазар, во се‘ уште незавршената транзиција, постои отпор кон богатите луѓе во Македонија, зошто не се прави ранг-листа на најбогатите?

„Нема страв од богатство, но има резервираност тоа да се соопшти јавно, многумина сфатија дека профит може да се обезбеди не само со корупција и илегални бизниси, туку и со идеја и добро менаџирање, со работа и способност“, одговара професор Узунов.

Македонските претприемачи својот капитал го создадоа во време на распадот на Југославија, преку 2-3 извозно-увозни компании во тријаголникот Москва-Виена-Киев. Потоа следуваше неправедната, како што се тврди, приватизација и обезвреднување на пазарните вредности на компаниите што беа во државна сопственост.

Mazedonien Skopje Flash-Galerie
Фотографија: AP

Не криминалци, туку донатори

Во време на српско-грчките блокади, во чии канџи се најде македонската економија, неколкумина познати македонски бизнисмени свртеа 2-3 милјарди евра илегален капитал и стоки. Во овој период станаа атрактивни и т.н. финасиски игри на берзата, особено во 2007-2008 година.

„Одредени луѓе стекнаа огромни богатства и тоа предизвика револт кај еден дел од социјалците и интелектуалните кругови, кои не учествуваа во прераспределбата на капиталот, но не може да се тврди дека сите заработија на коруптивен и криминален начин“, вели пратеникот Марјанчо Николов од помладата генерација на кадри на СДСМ, чии влади го креираа концептот на приватизацијата.

Етаблираните големи претприемачи поседуваат акции во металната индустрија, рударството, шпедицијата, медиумите, фармацевтските куќи и веледрогериите, како и во болници, банки.

Тие донираат во верски објекти, култура, спортски клубови, научни фондации. Како своевиден исплатлив бизнис кој може да ги отвори и европските фондови, дел од македонските богаташи поседуваат лозови насади, винарии, бачила за квалитетни и ексклузивни сирења и кашкавали.

Никој нема ништо против богатење, но на транспарентен начин

Но, во Македонија се менува погледот кон богатите луѓе и на нив се гледа и како на моторна сила на развојот и разигрување на стекнатуиот капитал, вели министерот за економија Фатмир Бесими.

„Никој нема штета од растот, од збогатувањето, само тоа треба да биде на транспарентет начин, со почитување на пазарните услови, со еднакви шанси за сите. Најуспешните да успеваат, од тоа корист имаат и богатите, но и сопствениците на работната сила“, вели за ДВ министерот за економија.

Volle Geldbörse, Griff in den Geldbeutel Flash-Galerie
Имињата на сопствениците на полните паричници не се кажуваат официјалноФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Македонија нема повеќе од стотина богати луѓе кои располагаат со имот и капитал поголем од 30 милиони, до 200 милиони евра. Дали тие се веќе предизвик и за младите претприемачи, кои бизнисот го стартуваат како личен или во малите семејни фирми?

„Кога се работи за овој вид на бизниси, тие се далеку од богати луѓе“, вели Елена Николовска од македонската асоцијација на млади претприемачи.

Дали во Македонија се‘уште постои недоверба и омраза кон богатите?

Со доза на искрена вчудоневиденост од прашањето Николовска одговара.

„Можеби и има реакции од таков тип поради големите класни и социјални разлики, но не мислам дека има непријателска клима кон богатите“, заклучува експертот за таканаречени инкубатор проекти за развој на малите бизниси.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска