1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе се судрат политиката и спортот

Марко Милер/ Б. Георгиевски2 мај 2012

Односот на украинските власти кон поранешната премиерка Јулија Тимошенко доведе до повици за бојкот на мечевите од Еуро 2012 кои ќе се играат во Украина. Слични бојкоти веќе се случуваа низ историјата, но со мали ефекти.

https://p.dw.com/p/14nvb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секој ден носи нови повици од политичари и јавни личности за бојкот на дел фудбалските натпревари од Европското првенство кои ќе се играат во Украина. Многумина повикуваат на бојкот на сите мечеви кои ќе се одржат во Украина, која е ко-домаќин на првенството заедно со Полска.

Заканите за бојкот се одговор на затворската казна за поранешната премиерка Јулија Тимошенко, но и поради нејзиниот третман во затворот.

Поглед во историјата

Првата дебата за бојкот на едно големо спортско натпреварување се случи во 1936 година во пресрет на Олимпијадата во Минхен. Тогаш во САД се отвори дебата за бојкот на игрите кои се одвиваа под закрила на нацистичкиот режим, но заканите за бојкот никогаш не се материјализираа.

Yulia Tymoshenko
Јулија ТимошенкоФотографија: picture-alliance/dpa

Но заканите за првпат се остварија на Олимпијадата во Мелбурн во 1956 година. Повеќе земји ги бојкотираат игрите од причини кои немаа директна врска со домаќинот Австралија. Шпанија и Швајцарија го откажаа учеството поради советската инвазија врз Унгарија и задушувањето на демократските промени. Египет, Камбоџа, Либан и Ирак протестираа поради израелската окупација на Синајскиот полуостров.

На многу поширок бојкот беше изложена Јужна Африка поради политиката на апартхејд во таа земја, кој го достигна врвот во текот на 1970-тите години од минатиот век. На земјата и беше забрането учеството на бројни спортски манифестации, и тоа претставуваше голем притисок за властите во Јужна Африка, вели професорот Јирген Митаг од Спортскиот универзитет во Келн.

„Документирани се изјави на јужноафрикански политичари кои потврдуваат дека спортските забрани и бојкотот повеќе му наштетиле на режимот и на политичката состојба отколку економските санкции“, вели Митаг.

Големите олимписки бојкоти

Спортот и политиката повторно се судрија по советската инвазија врз Авганистан во 1979 година. Повеќе од 40 земји ја бојкотираа Олимпијадата во Москва следната година поради тоа. Вклучително и САД и Германија.

Olympia 1980 Flagge
Олимпијадата во Москва 1980. годинаФотографија: AP

Четири години подоцна, Советскиот сојуз и неговите сателити возвратија на Олимпијадата во Лос Анџелес. Официјалното образложение беше дека Американците не можат да ја гарантираат безбедноста на спортистите за време на Олимпијадата.

„Јасно е дека бојкотите од 1980. и 1984. година немаа никаков ефект“, вели Митаг.

Уште поконкретен е првиот човек на германската Олимписка Конфедерација, Михаел Веспер.

„Бојкотот не помага. Олимписките бојкоти од 1980 и 1984 година не постигнаа ништо“, вели Веспер.

Можеби тука лежи причината што оттогаш и немало поголем бојкот на некое големо спортско натпреварување. Многумина повикуваа на бојкот на Олимписките игри во Пекинг во 2008. година поради прекршувањето на човековите права во Кина и односот кон Тибет. Се одржуваа и протести, но водечките политичари, за разлика од актуелниот случај со Украина, тогаш молчеа.

ЕУРО 2012

Прашањето сега останува: дали актуелните најави за бојкот на дел од европското фудбалско првенство ќе ги охрабрат украинските власти да го подобрат односот кон Тимошенко? Од Амнести интернешнл не веруваат дека бојкотот ќе помогне во таа смисла. Поважно е „луѓето да дојдат во Украина и да создадат јавен притисок за подобрување на човековите права“, вели Волфганг Гренц од Амнести.

Amnesty Report 2011 Wolfgang Grenz
Волфганг ГренцФотографија: picture-alliance/dpa

Веспер од Германскиот олимписки комитет, пак, препорачува дека е подобро „да се присуствува и да се контактира со опозициските сили, да се разговара со луѓето, или да се посети Тимошенко. Мислам дека тоа ќе биде понепријатно за власта, отколку едноставно да не се доаѓа“, вели Веспер.