Кога Холивуд говори на германски
23 август 2010Кога станува збор за синхронизацијата, Германците ги бие добар глас. Некои тврдат и оти се најдобри. Последниве дваесет години Маркус Оф работи како глумец и уметник, кој го позајмува гласот во синхронизацијата на филмовите за германското говорно подрачје. Тој е еден од околу милион луѓе кои ја работат оваа професија. „Помалку, така да кажам е сурово да му се одземе некому гласот и да му се даде нова димензија. Одземајќи му го некому гласот, страста, емоциите, морате навистина да се потрудите да ја замените сета таа енергија и да поставите се’ на свое место.“
Најлесно се синхронизираат филмовите на англиски јазик
Гласот на Маркус Оф во Германија го знаат сите, бидејќи го позајмуваше во некои од најпознатите холивудски филмски наслови, како на пример „Пиратите од Карибите“. Како и мнозинството германски актери, Маркус кариерата за започна во театарот. Тој тврди дека е најтешко да се синхронизираат француските и кинеските филмови: „Најлесно е да се синхронизираат филмови на англиски јазик, а многу тежок е францускиот, бидејќи во германскиот јазик се потребни повеќе зборови за определен француски збор. Така понекогаш е навистина тешко да се вклопиш во она што актерот навистина го говори.“
Втор предизвик во оваа професија е акцентот кој треба да се погоди во синхронизацијата на некоја улога: „Ако не го совладате акцентот тогаш сте ја ’промашиле’ работата, а тоа е голем проблем во синхронизацијата.“
Анимираните филмови се голем предизвик
Клаус Баушулте е продуцент во Берлинското студио за синхронизација. Тоа е воедно и најдоброто студио од таков вид во Германија. Токму тука е направена германската верзија на анимираниот филм „Мадагаскар“, кој според Баушулте е многу тежок за синхронизирање: „Беше тешко бидејќи ликовите во филмот речиси и да не дишат, тие само зборуваат и поради тоа е потребна голема концентрација и прецизност.“
Кога се синхронизираат анимираните филмови најнапред се снима дијалогот, а потоа тоа се вклопува во филмот и пред се’ движењето на усните на цртаните ликови.
Освен Германците сличен пристап имаат на пример Холанѓаните и Полјаците, но германската филмска индустрија е најдалеку одмината во синхронизацијата на филмовите. Се’ изгледа и звучи перфектно. Киносалите се полни, а народот сака такви филмови. Гледачите се под впечаток дека гледаат оригинална верзија на филмот.
Автор: Елис Мол/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска