1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога товарот на фудбалот станува претежок

10 ноември 2010

Фудбалот знае да биде игра на нерви. Тоа може да доведе до депресија, па дури и до самоубиство, како во случајот со Роберт Енке пред една година. Дали оттогаш се води повеќе сметка за душевното здравје на фудбалерите?

https://p.dw.com/p/Q2HO
Роберт Енке не го издржа притисокотФотографија: AP

Ретко кој играч успева по последниот свиреж од загубениот меч, кога навивачите не престануваат да го исвиркуваат неговиот тим, едноставно да се исклучи и да заборави што се случило на теренот. Во професионалниот фудбал, играчите се постојано под притисок, меѓутоа не секој од нив му е дораснат на ваквиот товар. Тоа може да резултира со длабока депресија, што во случајот на долгогодишниот голман на германската национална репрезентација Роберт Енке минатата година доведе до самоубиство.

Уште пред овој трагичен настан Здружението на професионални фудбалери утврди дека постои огромна потреба од психолошко советување за играчите. Улф Барановски, претседател на ова здружение, објаснува:

„Ние како здружение преку нашите партнери нудиме психолошки советувања за фудбалерите. Непосредно по смртта на Роберт Енке бројот на заинтересирани за терапија значително порасна“, вели Барановски.

Training VDB
Здружението на професионални фудбалери нуди тренинзи за играчите кои останале без договориФотографија: DW

„Во игра се само јаките момци“

Оној кој на стадионите постојано е под надзор на телевизиските камери, не смее да покаже слабост, а уште помалку психичка лабилност. Во фудбалската индустрија важи девизата: во игра се само јаките момци. Затоа по смртта на Енке, многу фудбалери не им се обратија на своите клубови, туку помош побараа од Здружението на професионални фудбалери, објаснува неговиот претседател:

„Може да се каже дека околу десетина проценти од играчите со сигурност имаат потреба од помош, или, пак, веќе побарале советување.“

Дипломираниот психолог Штефан Грав има искуство со играчите од Бундеслигата, бидејќи досега третирал многумина од нив. Тој се сомнева дека случајот на Роберт Енке е единствен меѓу фудбалерите. Иако можеби тие нанадвор делуваат стабилно, се случува психичката рамнотежа да им биде нарушена:

„За нив тоа е дел од бизнисот, дел од кариерата. Со текот на времето, фудбалерите учат како да ги прикријат внатрешните процеси“, вели Грав, додавајќи дека во повеќе наврати се случило некој од нив да дојде кај него и да рече, внатрешно се чувствувам поинаку, дај да работиме на тоа.

Fußball Bundesliga Bayer 04 Leverkusen gegen 1. FC Kaiserslautern Flash-Galerie
Фудбалерите учат како да ги прикријат психолошките процесиФотографија: dapd

Мало разбирање од околината

Здружението на професионални фудбалери им нуди на играчите различни можности за советување - телефонски, преку електронска пошта, или, пак, разговор очи в очи. Анонимноста и дискретноста се секогаш на прво место. На што најмногу се жалат јаките момци?

„Страв од потфрлање, општи падови на расположението, проблеми со тренерот, со околината, мобинг... Се` што ја тишти душата“, вели Барановски.

Психологот Штефан Грав неретко забележува дека психички надразнетите фудбалерите не наидуваат на разбирање и поддршка од околината:

„Можам да си замислам дека има тренери и колеги за кои психичките проблеми едноставно не постојат и сметаат дека на таквите фудбалери местото не им е на теренот.“

Токму затоа многумина од нив се обраќаат за помош анонимно. По смртта на Роберт Енке, во овој дел од милионскиот бизнис наречен фудбал речиси ништо да не се променило.

Автор: Клаус Деузе / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска