1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога сатирата станува политика, и обратно

Марк Фон Липке/Б. Георгиевски6 август 2013

Партијата PARTEI (Партија) има амбициозна цел- уште есенва да влезе во Бундестагот. Но и самото име открива дека не се работи за некоја сериозна политичка партија, туку за сатиричен проект. Сепак, успехот не е исклучен.

https://p.dw.com/p/19KWt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веќе и самото име на партијата, Die Partei, укажува дека нејзините основачи не се многу сериозни. Особено ако притоа се земе предвид дека името е всушност акроним за Партија на трудот, правната држава, заштита на животните, поддршка на елитите и иницијатива на политичката база.

Зад Партијата стои еден од најпознатите и најконтроверзни германски сатирични магазини „Титаник“ кој во изминатите децении со своите насловни страници се врежа во колективната свест на Германците. Но, и покрај фактот што уште на прв поглед е јасно дека се работи за жестока сатира на актуелниот политички состав во Германија, Партија веќе ги бележи првите успеси. На локалните избори во северногерманскиот град Либек, Партијата освои 1,3 отсто од гласовите, а со тоа и едно советничко место. Сега Партија сака влез и во Бундестагот.

Titelbild TITANIC, Ausgabe 04, 1992
Една од најпознатите насловни страници на „Титаник“Фотографија: TITANIC/Caricatura

На чело на партијата е Мартин Зоненборн, поранешен главен уредник на магазинот „Титаник“. Поврзаноста со „Титаник“ е видлива и во недостатокот на политичка коректност во настапите на партиските функционери и во предизборните акции. Младинската организација на Партија се нарекува „Хинтнерјугенд“, една брутална асоцијација на подмладокот на нацистите „Хитлерјугенд“, иако од партијата тврдат дека тоа нема никаква врска со Хитлер, туку со генералниот секретар на нивната партија кој се презива Хинтнер.

Борба за промени

Иако провокациите и шегите им се на прво место, Партија сепак успеа да предизвика некои сериозни промени во германскиот политички спектар. Откако изборните власти во 2009. година им ја одбија пријавата за учество на парламентарните избори, од Партија поднесоа тужба до Уставниот суд. Но, тогашниот закон предвидуваше одлучување дури по завршувањето на изборите, поради што многу мали партии беа исклучени од процесот. Минатата година Бундестагот го промени овој закон со што помалите партии сега имаат право на разгледување на нивните жалби сѐ до самиот почеток на изборниот процес.

Martin Sonneborn Die Partei Archiv 2004
Мартин ЗоненборнФотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, останува прашањето зошто некој би гласал за партија чија единствена цел е да се потсмева со целиот процес? Одговор на тоа дава познатата хамбуршка уметничка Беа Винклер, која и самата често се ангажира во работата на Партијата.

„Работата е јасна: кога политиката сѐ повеќе наликува на сатира, време е и вистинската сатира да влезе во политиката“, вели таа.