1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога државните шуми би биле општински...

30 јануари 2011

Државните шуми да се стават во функција на локалниот економски развој, бара Заедницата на општини на Македонија. Кои се предностите од префрлањето на одговорноста за шумите на општинско ниво?

https://p.dw.com/p/Qtip
Шар ПланинаФотографија: Sveto Toevski

Неодамна Управниот одбор и Комисијата за развој на селата во рамки на Заедницата на општини на Македонија ја реактуелизираа неколку години старата иницијатива управувањето со шумите во земјата да се префрли во надлежност на општините и тоа да се стави во функција на нивниот локален економски развој, а особено за развојот на селата.

Стојан Лазарев, градоначалник на општината Конче и претседател на Комисијата за селски развој на асоцијацијата на локални самоуправи, вели:

„Државата е секогаш полош управувач од општината. Општината е многу пофлексибилна, таа е институција, која е најблиску до граѓаните и може подобро да се грижи за шумите. Ова многу поволно ќе влијае врз нашиот развој. Најважниот елемент е нашата надлежност во делот на локалниот економски развој, или селскиот равој.“

Berg Schar Planina in Mazedonien
Во Македонија 948 илјади хектари се наоѓаат под шумиФотографија: Sveto Toevski

Во Македонија под шуми се наоѓаат околу 948 илјади хектари. Деведесет проценти од нив се во државна сопственост, а десетттина отсто се во приватен посед. Иницијативата на локалните власти управувањето и користењето на овој шумски фонд да стане нивна грижа наидуваат на отворени спротивставувања и сериозни предупредувања меѓу експертите, еколозите, па и одделни градоначалници на општини.

Кирил Сотировски, професор на Шумарскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје и член на Друштвото на еколозите на Македонија, истакнува:

„Ова барање на општините не треба да се отфрла веднаш, дури би требало да се развијат сериозни дебати во врска со него, но, сепак, потребна е голема внимателност. Прашање е како ќе биде во која општина: голем број фактори имаат интерес од шумите. Треба да бидеме искрени дека многу од тие фактори нема да се грижат многу – многу за иднината. Значи, од еколошки аспект не сум сигурен дека ќе има преголема корист од оживотворувањето на таа иницијатива и на краток, а особено не на долг рок.“

На шумите им треба обнова по експлоатацијата

Љупчо Меловски, професор во Институтот за биологија на Природно – математичкиот факултет на истиот универзитет и претседател на споменатата еколошка асоцијација, посочува особено на досегашниот еколошки масакр со дивата сеча на шумите на Шар Планина, на кои им треба најпрвин обнова по енормната и нелегална експлоатација:

„Шар Планина има голем број вредности, но и голем број закани, со кои се соочува биолошката разновидност во смисла на прекумерно искористување на ресурсите.“

Според статистиките на Македонски шуми само од 2001 до 2006 година била регистрирана бесправна сеча на околу 300.000 кубни метри дрва. Секоја година продолжува соголувањето на планините во земјата на повеќе стотици хектари.

„Економските интереси ги надвладуваат еколошките интереси“

Der Berg - Sar planina, Kosovo
Голем број вредности, но и закани за Шар ПланинаФотографија: Refki Alija

Градоначалникот на Конче Лазарев тврди : „И шумарството е една економија, ако правилно и паметно се организира. Од тоа ќе има значителни приходи: на пример, во Конче имаме повеќе десеттици илјади дрвја од багрем и тука се создава веднаш основа за развој на пчеларството.“

Драги Наџински, градоначалник на општината Берово, има поинакво стојалиште:

„Најголема заштита се врши кога шумите се под ‘капата’ на државата, поточно, под централно управување. Така треба да продолжи, значи, да не се дозволува шумите да преминат под управување од страна на единиците на локална самоуправа.“

Како шумарски инженер по професија и како поранешен командир на шумската полиција, Наџински заклучува:

„Секогаш надвладува економскиот интерес и така постојано заштитата била маргинализирана, бидејќи луѓето секогаш сакале да остварат профит. Добивањето дрвна маса од шумата е само 10 отсто од нејзините севкупни вредности. Ние не смееме да гледаме алчно кон дрвната маса и поради тие 10 отсто да јурнеме кон шумата, уништувајќи ги другите 90 проценти од користа.“

Идејата е практично неспроведлива?

Во изминативе веколку дена Дојче веле побара, но и не доби став и од Министерството за земјоделство и шумарство дали ќе биде прифатено, или не, барањето на најголемиот број македонски општини тие да газдуваат со сега државните шуми. Раководни лица во секторот за шумарство на тоа министерство, неофицијално, велат дека споменатата иницијатива е практично неспроведлива и оти таа може да дојде во спротивност со сите досегашни напори за обнова на шумите, поради можноста бизнис – интересите да надвладеат над еколошките интереси. Со шесте досегашни акции за пошумување во целата земја, наречени „Денот на дрвото“, во овие еколку години се добиени 30 милиони нови дрвја, а 20 илјади хектари под голини се пошумени.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев