1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Клучот е во нашите раце“

10 октомври 2009

Ромите во Македонија доживуваат образовна еманципација -постапно и незапирливо. Ромски невладини организации со поддршка на Министерството за образование неколку години го реализираат проектот „Клучот е во нашите раце“.

https://p.dw.com/p/K2mA
НаставаФотографија: Petr Stojanovski

Неколку години во три основни училишта во Тетово ромските ученици слушаат настава на својот мајчин јазик - од каде потекнуваат и каде се’ живеат како народ, учат за својата култура, за обичаите, но и за совремието. По овие години на факултативна, незадолжителна и делумна настава на ромски, денес се стаса до третман на овој јазик и како изборен предмет во редовната настава. Целта е да се воведе целодневна редовна настава по сите предмети за околу 400 ученици Роми во Тетово.

Ромчиња учат присилно на други јазици

Наставничката по ромски јазик Имран Јашари вели: „Има Ромчиња кои не знаат се’ уште да зборуваат на својот мајчин ромски јазик. Има некои ученици кои се послаби не само со ромскиот јазик, туку и во редовната настава. Ним им е потребна помош да ја разберат полесно наставата“.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
Деца во училиштеФотографија: Petr Stojanovski

Седмоодделенката Севџан Ибраими се надоврзува, зборувајќи на мајчиниот ромски, а потоа и на македонски јазик: „И јас сакам да го научам мојот мајчин јазик, како и сите што го знаат својот мајчин јазик.“

Денес 120 ученици од овој етникум во Тетово го изучуваат ромскиот факултативно и како изборен предмет. Уште 230 деца се распрснати во македонските, албанските и турските паралелки во седум основни училишта. Во Тетово има случаи на одделен број Ромчиња на кои дури им се забранува да учат на мајчиниот јазик.

Хасан Идризи, локалниот координатор на Ромскиот национален едукативен центар, укажува: „Во основното училиште ’Истикбал’ во Тетово во наставата на турски јазик не се прикажува официјално дека има ученици Роми. Но, нашите податоци укажуваат дека таму има Роми, кои учат на турски јазик. “

Превенција против националната асимилација

Токму заради надминување на реалната дискриминација и на опасноста од национално дискриминирање се реализира проектот симболично наречен „Клучот е во нашите раце“.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
НаставаФотографија: Petr Stojanovski

Ашмет Елезовски од Куманово, раководител на Ромскиот национален едукативен центар, по три години од реализирањето на овој проект денес сумира: „Успеавме да мотивираме повеќе од 2850 семејства, поточно, околу четири илјади ромски ученици да бидат редовни во наставата во 86 основни училишта во 16 градови во Македонија. Конечната цел на проектот ’Клучот е во нашите раце’ е вклучување пет илјади ученици во наставата од прво до четврто одделение.“

Елезовски додава: „Наш голем успех ќе биде зголемување на редовноста на ромските ученици на часовите, но и поголема едуцираност и на нивните родители. Благодарејќи на успешната соработка со македонското Министерство за образование и општините, како и на поддршката од Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта, Унгарија, успеавме да внесеме позитивна атмосфера на полето на образованието на Ромите во Македонија. Споменатиот проект се спроведува веќе три и пол години и се планира да заврши до почетокот на следната учебна година. Но, се надеваме дека ќе продолжи барем уште две години.“

Во 1997 година 12 дипломирани студенти - Роми во РМ

- во 2009та година 350 дипломци

Љатиф Демир, докторант по култура и книжевност, кој е вклучен во оваа активност, посочува: „Сега веќе имаме изборен предмет ’Ромски јазик и култура’, но ние немаме кадар кој ќе го предава. Работиме интензивно и на отворање високошколски центар за истражување на ромската култура и книжевност во рамки на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на универзитетот ’Светите Кирил и Методиј’ во Скопје. Сенатот на универзитетот даде ’зелено светло’ за влез на ромскиот јазик како наставен предмет во програмата на Филолошкиот факултет и треба се да заврши со позитивна одлука и на одборот за акредитација. Со самото тоа што во овој центар ние ќе ги обучуваме тие кадри, ќе имаме зголемување на приемот на ученици, кои ќе сакаат, кои ќе бидат заинтересирани да ги изучуваат својот мајчин јазик и култура. По неколку години можеби ќе се создадат услови центарот да прерасне и во ромска катедра за ромски јазик и литература.“

Studenten - Uni Skopje
Филолошкиот факултет во СкопјеФотографија: MIA

Се намалува неписменоста меѓу Ромите

Во врска со сето ова што се случува на планот на едукацијата на Ромите во Македонија, но и за афирмација на нивната национална култура, еве го заклучокот на Шаип Јусуф, творецот на првата ромска граматика: „Откако се иселија Ромите од Индија, ова е цела преродба на една нација – на ромскиот народ, поправо. Без писмо, без јазик, значи, тој народ не постои!“

Во 21от век Ромите стануваат се’ помалку неписмен народ – номад, а се повеќе народ како дел на европската и светската цивилизација.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска